Прелистувајќи го весникот Пелистерско Ехо и книгата Реката Драгор од проф. Александар Стерјовски склопивме уште една приказна од минатото на нашиот град. Во книгата Перформансите на Широк Сокак, авторот Димитар Димитровски Такец во едно поглавие споменува дека двајца германски војници кои се движеле на мотор со мала приколка биле убиени на влезот во нашиот град, поточно од минарето на Исак џамија било стрелано врз нив. Тие биле единствените загинати германски војници во Битола на почетокот од Втората светска војна.
Во пробугарскиот битолски весник Пелистерско Ехо, кој излегуваше за време на Втората светска војна, е јасно наведено дека убиените германци се погребани точно на местото каде се убиени, пред влезот на Економското училиште Јане Сандански во Битола каде најпрвин бил споменик на “Кралот” Александар Караѓоргевиќ. Во книгата Река Драгор е поопширно опишано за споменичните обележја на самата река низ годините. Дел од пишувањето ви го пренесуваме во целост:
Предниот дел од денешниот двор на Економското училиште „Јане Сандански“, било местото каде бил поставен (споменикот на Александар) . Истото било облагородено со зеленило и со 7, 8 туи, полукружно поставени околу споменикот. Постаментот од прилепски мермер го изработил претприемачот Илија Дарков(иќ). Во почетокот на 1937 год. споменикот бил на своето место, а на 22 март Пододборот на првите српски регрути од Битола, со учениците од сите битолски училишта и наставниците, организирале помен. Откривањето требало да следи на 19 ноември 1937 год., на 25 годишнината од „ослободувањето“ на Битола.
Неколку години бил градска атракција и дестинација, особено за помладите. Доаѓале кај него со цвеќе и венци и од други градови. Учителите од Ириг, кои биле на турнеја и кои во салата на Богословијата на 8 мај 1940 год. ја дале театарската претстава „Бранко Радичевиќ“, другиот ден таму положиле венец.
Споменикот траел до месец април 1941 год. кога е срушен: „Го срушија Бугарите со камион со помош на челични сајли“, се сеќава очевидец.
Уште во првата година од бугарската власт во овој локалитет било подигнато уште едно споменично обележје гробови на двајца германски војници убиени при влегувањето на нивната војска во Битола (9 април 1941)“.
На мермерна плоча биле испишани имињата Били Мозер и Ханц Бон, а врз крстовите биле поставени шлемовите. Со ниски бетонски столпчиња, поврзани меѓусебно со железни рамки, ја заобиколувале јужната и западната страна на местово. На неколку метри в десно бил подигнат уште еден, гроб на бугарски подофицер, загинат во Првата светска војна чии постхумни остатоци донесени, имале задача да го симболизираат заедништвото меѓу германскиот и бугарскиот народ низ историјата. Влезот до гробовите бил од уличната страна. Посмртните останки на германските војници, по барање на родителите кои дошле во Битола од Германија, според битолско предание, подоцна биле пренесени во Католичките гробишта во Битола.
По повод одбележувањето на годишнината од загинувањето, до главите на германските војници биле посадени две туи, до главата на бугарскиот подофицер една. Освен тујата кај бугарскиот подофицер, врз чиј гроб сега има асфалтна патека, другите се уште вишнеат, како и оние околу споменикот на кралот. Бидејќи тујата кај едниот германски гроб се разграни на два дела уште од коренот, формирајќи го знакот ,,V“, низ градот била проширена вест дека е направено со намера за да го изрази вообичаениот германски симбол од ова време, со значење „Викторија“ (победа). Извесно време и местово се именуваше “Место Викторија” .
Сега на тоа место партерно е уреден влезот на СОУ ЈАНЕ САНДАНСКИ и во негова близина од левата страна има чешма посветена на Првата Егејска ударна бригада.
Извори Река Драгор проф. Александар Стерјовски, весник Пелистерско Ехо