РОБЕРТ МИХАЈЛОВСКИ (1)

Апстракт: Овој членок овозможува задлабочена анализа на османлиското освојување на градот Битола (Република Македонија) во 1385. Го разгледува развојот на новата османлиска населба со нејзиниот состав на населението и инфраструктура низ историските извори. Сочуваните османлиски дворски архиви од периодот помеѓу XV и XIX век понудија сведоштва за структурата и организацијата на градот и неговите јавни градби.

По напредувањето во северозападна Мала
Азија, османлиската војска во 1354 кај Галиполе премина на Балканскиот Полуостров. Византиската Империја и Бугарското Царство беа во
опаѓање, додека Српската Империја и латинските кнежества се распаѓаа ослабнати од внатрешни поделби. Во Европа султанот Мурат I Худавендигар (1360-1389), по заземањето на Адријанопол во 1361 и Пловдив во 1363, извојува победа над сојузничката војска на Србите и Бугарите на бреговите на реката Марица во 1371(2). По преземањето и колонизирањето на богатата област на Серес и Драма во 1383 (3), на султанот му стана јасно дека беше неопходно за неговото освојување на Балканскиот Полуостров да преземе три града. Заземањето на Софија значеше проширување на неговата власт до реката Дунав; градот Ниш беше клуч за Србија; а преземањето на Битола би го овозможило понатамошното освојување на За-
падна Македонија, Епир, Малисор и Тесалија.

Навалата на Балканскиот Полуостров и освојувањето на Битола беа раскажани во османлиските хроники на Ашик-паша Заде, Хаџи Садудин-ефенди (у. 1599), Коџа Хусеин (у. 1644), Солак Заде (у. 1657) и Идриз Битлисли (у. 1520) (4).
Битлислиевата историја на Османлиите, именувана „Хешт бихишт“ (Осумте градини на Рајот), е највредната бидејќи има целосен опис на освојувањето на Битола (5).

Тој објаснува дека градот беше привлечен со својата богата околина. Населението пружа активен вооружен отпор во текот
на неколку дена. Војсководецот на османлиската војска Кара Тимурташ-паша го презеде градот „со сабја во раката“ и тврдината беше срамнета со земја (6). Многу подоцна, во седумнаесеттиот век, патникот и хроничар Хаџи Калфа го опиша походот под водство на Тимурташ-паша. Според него,
по преминувањето на реката Вардар, Османлиите ја зазедоа Битола (Манаст’р) со напад преку пелагониските мочуришта, а потоа се пробија на север кон Прилеп. Така Манаст’р и Прилеп станаа
гранични тврдини на новата империја (7).

Месните христијански легенди собрани од Марко Цепенков во деветнаесеттиот век исто така нудат некои вредни сведоштва: „…при сè што Битола ја преземале од две страни, една војска откај Прилеп дошла, друга откај Воден и пак лесно не можеле Битола да ја преземат…(8)

“ Со освојувањето на Битола (Манаст’р) во 1385, западната воена граница беше проширена. Еден ферман (царски указ)
издаден од Мурат I во 1386 му дозволи на неговиот војсководец Евренос-беј да создаде наследна држава (Gazi Mülkler) од Комотини до Битола, со титула на владетелот „Господар на граничните краишта“ (Uç-bey) (9) .

Развојот и уредувањето на градската инфраструктура и администрација следеа по востановувањето на новиот османлиски град именуван „Манаст’р“ или „Толи Манаст’р“(10). Место тврдината на ридот Бори-кале и претходната монашка населба(11), Османлиите одново градат отворен тип на урбана структура на левиот брег на реката Драгор.

Од почетокот градот беше важен воен и стратешки центар од каде што се ширеа походи кон Западна и Јужна Македонија, Малисор и Епир: во 1385 имаше поход кон Берат; Солун беше заземен во 1387; потоа во 1388 беше поведен поход кон Валона; собранието во Караферја (Бер, Верија) се случи во 1393 или 1395; и опсадата на Круја во 1466 (12). Бидејќи Манаст’р беше важен воен центар и место од коешто беше лесно да се контролира областа, султаните го посетија Толи Манаст’р во многу прилики. Така во 1387 Мурат беше првиот османлиски владетел што го посети градот. Бајазит Ј’лд’р’м (Молњата) дојде во 1393; потоа
султанот Мурат II го последува во 1448. Мехмед Освојувачот го посети Манаст’р при маршот кон Албанија во 1466, а Бајазит II во 1492 остана во градот три дена, кога еден непознат хајдари-дервиш се обиде да го убие (13) .

Покрај воените активности, градот почна да се развива како трговски, управен и верски центар. Првиот попис на населението (Mufassal defter), којшто се изведе во 1460-1468, го покажува зголемувањето на муслиманското население на 275 семејства, додека христијанското население беше 175 семејства. Пописниот дефтер бр. 993 од околу 1460 покажува дека градското население беше поделено на седум населби (маала) – шест за муслимани и една за христијани. Муслиманските маала беа:

1. Демирџи Јусуф и Исмаил, со 45 домаќинства;

2. Али Бурекчи, со 42 домаќинства;

3. Алајдин, со 56 домаќинства;

4. Кара Хамза, со 45 домаќинства;

5. Табак Девлетхан, со 56 домаќинства и

6. Сарач Даут, со 46 домаќинства.

Тоа се вкупно 290 муслимански домаќинства во шест муслимански маала. Христијанското маало беше:

7. Дабижив, со 175 домаќинства 14.

Муслиманското население ги претпочиташе маалата на левиот брег на реката, на повисоката земја и на јужните падини на ридовите (Bayır mahalle). Најблизу до реката беа изградени најважните градби на османлискиот исламски
град: главната џамија (Ulu cami), со нејзините верски образовни установи; јавната бања (хамам); гостилницата и јавната кујна (имарет); пазарот и управни згради. Сунгур Чауш-беј, еден од
војсководците на султанот Мурат II, ја подигна првата џамија околу 1435.

Изгледа дека Сунгур-беј влечеше потекло од областа на Манаст’р и беше земен како девширме (данок во крв) во Истанбул. Тој изгради или обнови една цврста градба со минаре на левата страна во селџучки стил. Џамијата беше месно позната како „Ески“ или „Атик-џамија“, а исто така беше позната и како „Солак-џамиja“ поради местоположбата на минарето (15).

Во градот беа воспоставени неколку рани исламски установи: во 1430 првата библиотека на исламска литература16, потоа светите гробови на дервишите Кирхор-баба и Џигер-баба (17), а по 1491 едно теќе на накшбенди-дервишите, од страна на следбениците на шејх Абдала ал Илахи од Ениџе-вардар(18) .

Номадските групи од анатолиските области Ајдин, Караман и Коња ја колонизираа плодната рамнина Пелагонија. На југ кон градот Хлерин/ Флорина се сместија во сопствените села: Ки-
нали, Мезџидли, Хасан Оба, Будаклар, Караман, Елеклер и Канатлар(19).

Во 1475 италијанскиот трговец Јакопо де Промонторио де Кампис напиша во своето дело “Governe et Entrate dell’ Gran Turco” дека
Манаст’р беше најбогатиот санџак (капетанија) помеѓу седумнаесетте покраински области (sancak) на покраината Румелија (Rumeli Eyalet) (20). Санџакот на Манаст’р се состоеше од две полициски префектури (subaşı): една во Охрид и една во Прилеп (21) .

Во времето на султанот Бајазит II (1481-1512), сефардските Евреи од Шпанија и Португалија и Ашкенази од Средна Европа се населија по македонските градови. Во градот Манаст’р сефардските Евреи се сместија на левиот брег на реката, веднаш до пазарот. Своите гробишта ги воспоставија околу 1496 (22). Пристигнувањето на Евреите продолжи во седумнаесеттиот век, создавајќи
конкуренција и културна соработка со трговците од Дубровник (23).

Пописот на населението во 1521 покажува зголемување од повеќе од 68% на градското население (24). Врз основа на пописот се проценува дека градот броеше 625 муслимански семејства, 198
христијански семејства, 48 еврејски семејства и 19 цигански семејства. Во тоа време областа на градот беше поделена на 22 муслимански маала, 10 христијански, 1 еврејско (Cemaat-i Yehüdiyan) и 1 циганско (Cemaat-i Çinganeyan) (25). На почетокот на шеснаесеттиот век Битола/Манаст’р беше помеѓу четириесет и петте градови коишто беа хас на султанот со приходи меѓу 100000 и
300000 акчиња (26).

Од времето на освојувањето може да се најдат некои записи на месните христијански челници и
градот Прилеп беше седиште на пелагониските епископи, состојба што траеше до крајот на петнаесеттиот век. Според катастарскиот дефтер од 1467/8, митрополитот Давид Хорисен беше мулксајбија (mülk sahibi) и го поседуваше мулк-на-мето (mülkname) доделено од султанот Мехмед.

Во првата четвртина на шеснаесеттиот век пелагониската епископија одново се појави со своите дејства и беше поместена назад на старото седиште во Битола. Црковната градителска дејност во градот и областа беше регулирана со строгите условувања на османлиските чиновници. Одреден број на еднокорабни цркви беа изградени, обновени и живописани во околните села Граешница, Чебрен, Чагор и Топлица. Главната битолска црква „Св. Димитриј“ на десниот брег на реката
Драгор беше обновена исто така (27).

Градот Манаст’р беше добро познат како средиште на исламската правна наука од ханафитската школа. Еден од познатите правници беше Иса Факх, којшто предаваше право (fıkıh). Во средината на стариот град изгради џамија што го носи неговото име и медреса (училиште) во годината 1505-628.
Во шехерот на Манаст’р беа исто така подигнати некои световни градби, како што беше прочуениот покриен пазар “Bezesten”, завештание на големиот везир Даут-паша во 1541 (29). Помеѓу 1512 и 1516 султанот Селим I, по неговата победа над Персијците кај Чалд’ран, ги прати познатите занаетчии од Табриз во поголемите османлиски
градови. Некои од нив се сместија во Манаст’р, каде што ја збогатија месната архитектура, а исто
така работеа и со сребро (30). Во текот на втората половина на шеснаесеттиот век дузина други верски и световни градби беа подигнати главно како побожно завештание (vakıf) на месните кадии или значајни личности.

Примери се: Кади Махмуд-
ефенди или Јени-џамија од 1553/4, џамијата со хармонични пропорции на Гази Хајдар Кади изградена во 1565, како и некои од јавните бањи и други цивилни градби (31). Во 1544 изворите на приход внатре во самиот град беа резервирани како hassa (данок во империјалната каса) за касата на големиот везир Ху-срев-паша (hassa-ı destur-ı Hüsrev Paşa), а друг
голем везир, Ахмед-паша, имаше 106226 акчиња приход. Управно нахијата (подобласт на градската средина со население од 5000 до 10000) на Манаст’р беше управен дел од Паша-санџакот, којшто беше најголемата балканска покраина (32).

Во тоа време (1544) самиот град беше поделен на 23 муслимански маала, 13 христијански, едно циганско и едно еврејско маало.

Муслимански маала беа:

1) Мехмед Сипахи, 2) Софта Хоџа, 3)
Емин, 4) Бостанџи Заде, 5) Караџа Беј, 6) Фируз Субаши, 7) Јакуб Беј, 8) Хајдар Беј, 9) Насуф Беј, 10) Димишки Беј, 11) Хусејн Субаши, 12) Јени, 13) Кара Табак, 14) Касим Челеби, 15) Кемал Беј, 16) Ќопек Беј, 17) Чауш Беј, 18) Огул Паша, 19) Кара Оглан, 20) Турбе, 21) Бали Беј, 22) Исхак Челеби или Ејне Беј, 23) Хаџ Беј.

Христијанските маала беа:

1) Којо Димо, 2) Тодор Минчо или Лукач, 3) Рале Петко, 4) Пејо Никола или Поп Пејо, 5) Тодор Јанко, 6) Петко Дапко, 7) Торник „Крапче“, 8) Доне, 9) Дапче Стојко, 10) Грнчарите, 11) Димишки Беј, 12) Хасан Беј, 13) Турбе или Софта Хоџа.

Циганската област (cemaat-i Çingeneyan) беше дополнително поделена на Насредин и
Хаџи Абдула.

Имаше и еврејска област (cemaat-i
Jehüddiyan) (33). Според османлиската пописна популациона статистика од 1568, градот Манаст’р се состоеше од 618 муслимански домаќинства,
125 христијански домаќинства, 285 еврејски домаќинства и 51 циганско домаќинство.

Во шеснаесеттиот век Манаст’р стана интелектуален центар, со значителен број учени луѓе,
поети, писатели и верски научници. Следејќи ја исламската љубов за поезијата, прочуените месни поети беа: Кхавери Кади, Џелал Хусеин Челеби, Зухуру Челеби, Кади Хасан ибн Али-Манаст’рли, Мевлана Џивани, Манаст’рли Кади Синан, Вахји
Мустафа, Сулејман Ајани, Катиб Хасан, А’таи Нев’и Заде, Ле’али Хасан-ефенди и други (34).

Како духовна средина, градот и околината станаа место со разни ложи на суфи од тарикатите Накшбенди, Рифај, Бекташи и Халвети (35). Во 1590 венецијанскиот пратеник Лоренцо Бернардо патува по Егнатискиот пат и стигна во Манаст’р (го нарече “Monasterio”) и остана неколу дена во месниот каравансарај. Го опиша градот со 1500 куќи од коишто 200 беа еврејски.

Немаше ниту градски ѕидини ниту санџак-беј, бидејќи беше тимар на великиот везир, којшто имаше приход од дваесет торби акчиња. Градот имаше судија, изобилие од жито и одржуваше трговија со
восок, волна и кожа. Турците беа добротвори тука бидејќи беше место за учење, произведувајќи способни луѓе, добро оспособени за спроведување на правдата, коишто беа праќани за кадии во разни
делови на Османлиската Империја. Месноста имаше изобилство на води и фонтани за пиење. Низ градот течеше голема река, именувана “Macofro”(Драгор) којашто подивуваше назиме. Манаст’р имаше „бедестен“, убави џамии и каравансарајот,којшто беше добар за коњи, но неудобен за луѓе. Рабинот когошто Бернардо го нарече „конзул“ беше раби Самуел Нахмиас (Бернардо го именува „Намаис“ место „Нахмиас“), брат на челникот на солунската еврејска заедница, раби Абрахам Нахмиас (36). Според месните судски архиви (кадиски сиџили), еврејското население во Манаст’р живееше во густо населено маало близу до брегот
на реката, којашто се викаше „Ел Куртијо“ (37).

Можеме да заклучиме дека помеѓу 1450 и 1600 беше „златното доба“ за архитектуралниот и урбан развој на Толи Манаст’р. Осумнаесеттиот век беше период на стагнација, но во текот на деветнаесеттиот век стана седиште на Румелискиот
вилает и Третата армија, што донесе некои одлучувачки настани во поновата историја на целиот регион.

Фусноти

1 Австралиски католички универзитет, Мелбурн,
Австралија, 115 Викторија Парејд, Фицрој, Викторија,
3065, Австралија: [email protected].

2. S. Shaw, History of the Ottoman Empire and Modern
Turkey (1280-1808), vol. I, Cambridge, London, New York,
Melbourne 1976, pp. 17-19; D. Hupchick, The Balkans,
from Constantinople to Communism, London, New York
2002, pp. 101-123; R. Mihajlovski, The Development of
Spiritual and Intellectual life in Bitola/Manastır during
the Ottoman centuries, PhD. Dissertation, La Trobe
University 2004, pp. 61-69.

3. Г. Острогорски, „Серска област после Душанове
смрти“, Посебна издања Византолошког института,
vol. IX, Београд 1965, стр. 244-251, 255.

4 А. Матковски – К. Аручи, „Македонија и соседните
области во хрониката на Солак Заде (1373-1633)“, Ис-
торија, vol. XIX/3, (1975), стр. 237 б. 16; А. Матковски
– К. Аручи, „Македонија и соседните области во тур-
ската хроника ‘Такут теварих’ од Коџа Садудин-ефенди
(1361-1520)“, Историја, vol. XXIII/2-3, (1979), стр. 236
б. 19; А. Матковски – К. Аручи, „Македонија и сосе-
дните области во хрониката ‘Беда-и ул векаи’ од Коџа
Хусеин (1328-1491)“, Историја, vol. XV/2, (1979), стр.
157, б. 34; А. Стојановски, Градовите во Македонија
од крајот на XIV до XVII век, Скопје 1981, стр. 13-15;
Fraenkel, Eran, Skopje from the Serbian to Ottoman Empire:
conditions for the appearance of a Balkan Muslim city,
(PhD. Thesis), University of Pensylvania 1986, pp. 34-35.

5. К. Аџиевски, Пелагонија во Средниот век, од
доаѓањето на Словените до паѓањето под турска
власт, Скопје 1994, стр. 272; Г. Суботиќ, Охридската
сликарска школа од XV век, Охрид 1980, стр. 36, б. 31;
R. Mihajlovski, ‘The church of the Most Pure Virgin at
the village of Graeshnitsa’, Spirituality in Late Byzantium,
Newcastle upon Tyne, 2010, pp. 105-116. Во списокот на
султановите приходи од 1488/89 од битолската област
беа спомнати титулите на претходните феудални гос-
подари, „земји на Вукашин и Димо Војвода“.

6.М. Тевфик, „Кратка историја битољског вилаје-
та“, Братство, vol. XXVII (прев. Г. Елезовић), Београд
1933, стр. 204; Ј. Хаџи-Васиљевић, „Град Битољ“, Кроз
Стару Србију и Маћедонију 1897 године, Братство, vol.
XIV, Београд 1911, стр. 41; Аџиевски, Пелагонија во
Средниот век, стр. 268-281.

7.H. Gibbons, The Foundation of Ottoman Empire,
a History of the Osmanlis up to the death of Bayezid I,
1300-1403, London 1968, p. 158; C. Hadschi, Rumeli und
Bosnia geographisch beschrieben von Mustafa Ben Abdalla
Hadschi Chalfa, (J. von Hammer), Vienna 1812; L. Kinross,
The Ottoman centuries, London 1977, pp. 53-55.

8. М. Цепенков, Преданија, vol. VII, Скопје 1972,
стр. 120-121.

9. V. Moutafchieva, Agrarian relations in the Ottoman
Empire in the 15th and 16th centuries, Boulder 1988, pp. 8-9.

10. Името на Толи Манаст’р беше амалгамација
на имињата Битола и Манаст’р, (Би)Толи Манаст’р.
Ursinus, Michael, “Manastir”, Encyclopaedia of Islam, vol.
VI, Leiden 1995, pp. 371-372; C. Mostras, Dictionnaire
geographique de l’ empire Ottoman, St. Petersburg 1873,
p. 170; Ст. Романски, „Имената на нѣкои македонски
градове. – 3. Битоля“, Македонски прегледъ, vol. V/4,
София 1929, стр. 63-70; Т. Томоски, „Како топонимот
Манастир се наложил за втор назив на градот Битола“,
Македонија низ вековите, Скопје 1999, стр. 462-473.

11. Ѓ. Петров, Материали по изучването на Македо-
ния, София 1896, стр. 120.

12. H. Gibbons, The Foundation of Ottoman Empire,
a History of the Osmanlis up to the death of of Bayezid
I, 1300-1403, pp. 159-160; H. Inalcik, The Ottoman
Empire, the Classical age, 1300-1600, London 1973; F.
Babinger, Mehmed the Conqueror and his time, Princeton
University 1978, pp. 251-253; Hupchick, The Balkans from Constantine to Communism, pp. 144-163.

13. Тевфик, „Кратка историја битољског вилајета“,
стр. 210-211, 233; H. Inalcik, The Middle East and the
Balkans under the Ottoman Empire, Bloomington 1993,
pp. 32-33.

14. М. Соколоски, „Турски изворни податоци од XV и
XVI век за градот Битола“, Гласник на Институтот за
национална историја, vol. VII/1, Скопје 1963, стр. 129.

15. Тевфик, „Кратка историја битољског вилајета“,
стр. 207, 213-214; К. Томовски, „Џамии во Битола“,
Годишен зборник на Техничкиот факултет, Скопје
1956/57, стр. 34-35, 46; Х. Калеши, Најстарији ва-
куфски документи у Југославији на арапском језику,
Приштина 1972, стр. 65-69; Р. Михајловски, „Неколку
османлиски споменици од Битола“, Културно наслед-
ство, vol. 26-27, Скопје 2001, стр. 67; R. Mihajlovski,
“The sixteenth century mosques in Bitola/Toli Manastir”,
Patrimonium.mk, vol. 7-8 (2010), pp. 351-366; М. Аси-
мов, „Битолски арапски записи од XIV век“, Битола низ
вековите (уред. А. Стерјовски), vol. IV, Битола 2001,
стр. 35; Hupchick, The Balkans, from Constantinople to
Communism, p. 129.

16 H. T. Norris, Islam in the Balkans, Columbia 1993, p. 57.

17 Тевфик, „Кратка историја битољског вилајета“,
стр. 214; J. Brown, The Dervishes, London 1968, p. 88;
Β. Μιρμίπογλου, Οι Δερβίσσαι, Εκάτη 1940, p. 45; Ми-
хајловски, „Неколку османлиски споменици од Бито-
ла“, стр. 66-67.

18 M. Kiel, Studies on the Ottoman Architecture of the
Balkans, Aldershot, Brookfield 1990, p. IV/310.

19 N. Todorov, The Balkan city 1400-1900, Washington
1983, p. 49; М. Соколоски, „Битола и битолско во XV
и XVI век“, Прилози на Македонската академија на
науките, vol. VI/2, Скопје 1975, стр. 43-55; М. Соко-
лоски, „Прилеп и прилепско под турска врховна власт
од XV до крајот на XVIII век“, Прилеп и прилепско низ
историјата, Прилеп 1971, стр. 120-123; M. Ibrahimgil,
“Educational buildings in Bitola during the Ottoman rule”,
Ataturk ve Manastır, Ankara, Bitola 1998, p. 109.

20 Iacopo de Promontorio de Campis, (ed. F. Babinger),
Die Aufzeichnungen, Munich 1957; H. Inalcik, “Rumeli”
Encyclopaedia of Islam, vol. VIII, 1995, p. 610.

21 А. Стојановски, Македонија во турското сред-
новековие, Скопје 1989, стр. 57; H. Inalcik, “Rumeli”,
Encyclopaedia of Islam, vol. VIII, Leiden 1995, pp. 607-611.

22 Натписот над портата на еврејските гробишта во
Битола ја забележува годината 1496. Градбата беше неодамна обновена.

23 B. Krekić, Dubrovnik, a Mediterranean urban society
1300-1600, Aldershot, Brookfield 1997, pp. X/839-840;
A. Matkovski, A History of the Jews in Macedonia, Skopje
1982, p. 43.

24 Соколоски, „Турски изворни податоци од XV и
XVI век за градот Битола“, стр. 18; Стојановски, Ма-
кедонија во турското средновековие, стр. 168. Според
пописот од 1523, циганската заедница беше позната
како „џемаат на Чакир“ и се состоеше од 44 муслиман-
ски семејства.

25 Соколоски, „Турски изворни податоци од XV и
XVI век за градот Битола“, стр. 138, 140-141.

26 Todorov, The Balkan city 1400-1900, pp. 80-81, 86-
87. Помеѓу 1526 и 1528 султановите приходи од ха-
сот на Манаст’р беа 106226 акчиња, а подоцна дури
261325 акчиња. Gökbilgin, Tayyib, “Ayalet Rumelija
(Popis sandžaka i gradova na početku vladavine Sulejmana
Veličanstvenog)”, (prev. H. Šabanović), Prilozi za
orijentalnu filologiju, vol. XVI-XVII, Sarajevo 1966/67,
p. 316; Стојановски, Македонија во турското средно-
вековие, стр. 56-60. Во текот на XVI и XVII век градот
и областа на Манаст’р припаѓаше на Паша-санџакот
(Nahye-ı Manastır der Liva-ı Paşa).

27 Р. Михајловски, „Преглед на христијанската ис-
торија на Пелагонија и архиереите хераклејско-пела-
гониски до 1767 година“, Прилози, Друштво за наука
и уметност, vol. 54-55/I (1993) стр. 10-11; Mihajlovski,
The Development of Spiritual and Intellectual life in Bitola/
Manastır during the Ottoman centuries, p. 124, n. 397.

28 Тевфик, „Кратка историја битољског вилајета“,
стр. 211-21; Калеши, Најстарији вакуфски документи
у Југославији на арапском језику, стр. 145-155; E. H.
Ayverdi, Asimpada Osmanli mimari eserleri Yugoslaviya,
vol. III, Istanbul 1981, pp. 99-100.

29 M. Çezar, Typical commercial buildings of the
Ottoman Classical period and the Ottoman construction
system, Istanbul 1983, p. 62.

30 Kinross, The Ottoman centuries, p. 167; Тевфик,
„Кратка историја битољског вилајета“, стр. 206.

31 Тевфик, „Кратка историја битољског вилајета“,
стр. 212; Томовски, „Џамии во Битола“, стр. 37-38,
41-42, 51-52; А. Андрејевић, Исламска монументална
уметност XVI века у Југославији, Београд 1984, стр.
36-37; E. H. Ayverd, Asimpada Osmanli mimari eserleri
Yugoslaviya, cilt III, Istanbul 1981, pp. 99, 166.

32 Соколоски, „Турски изворни податоци од XV
и XVI век за градот Битола“, стр. 145; Todorov, The
Balkan city 1400-1900, app. I, p. 471; Gökbilgin, “Ayalet
Rumelija (Popis sandžaka i gradova na početku vladavine
Sulejmana Veličanstvenog)”, p. 311.

33 Соколоски, „Турски изворни податоци од XV и
XVI век за градот Битола“, стр. 138, 140-141, 146-147;
Соколоски, Методија, „Битола и битолско во XV и XVI
век“, Прилози на Македонската академија на науките,
vol. VI/2, Скопје 1975, стр. 18, 32, 38.

34 Тевфик, „Кратка историја битољског вилајета“,
стр. 220-229; E. Gibb, A History of Ottoman poetry,
London 1902, vol. II, p. 370, vol. III, pp. 232-233; H. T.
Norris, Islam in the Balkans, Columbia 1993, p. 49; M.
T. F. Bursali, Osmanli müellifleri, vol. I, Istanbul 1915;
М. Асимов и Д. Димитровски, „Турскиот книжевен и
научен труд“, Печатарството и издаваштвото во Би-
тола, Битола 1999, стр. 16-17; R. Dankoff, and R Elsie,
Evliya Çelebi in Albania and adjacent regions (Kosovo,
Montenegro, Ohrid), Leiden, Boston, Köln 2000, p. 169.
Ле’али Хасан-ефенди, поет и научник од Манаст’р,
беше автор на хронограмот на џамијата на Хасан Бали
Заде во Елбасан и на Јени-џамијата во Манаст’р.

35 Тевфик, „Кратка историја битољског вилајета“,
стр. 216-230; Hasluck, Frederick William, Christianity
and Islam under the Sultans, vol. I, Oxford 1929, pp. 356-
357, 524.

36 S. Yerasimos, Les voyageurs dans l’Empire Ottoman
(XIV-XVI s.), Ankara 1991, p. 34; A. Matkovski, History of
the Jews in Macedonia, p. 43; A. Vacalopoulos, History of
Macedonia 1354-1833, Thessaloniki 1973, p. 143.

37 E. Benbassa, and A. Rodriguez, The Jews of the
Balkans, the Judaeo-Spanish community, XV to XX
centuries, Oxford 1995, p. 17; Г. Димовски, Битолските
Евреи (Los Didjos di Monastir), Bitola 1995, стр. 34.
* првобитно објавено на англиски јазик во зборни-
кот трудови од научен собир “Türk Tarihinde Balkanlar
(Balkans in the Turkish History)” издаден од Sakarya
Üniversitesi во 2013 година.