Први мостови
Најраните податоци за драгорските мостови се од првата половина на 15 век. Дали и пред тоа имало градби што ги поврзуваа двата брега, а ги подигнала човечка рака, непознато е. Навистина археолошките наоди говорат дека и пред доаѓањето на Османлиите на просторот каде што се наоѓа денешна Битола имало развиена населба, дека била лоцирана од обете страни на реката, но дали имало и мостови и ако ги имало-каде биле, од каков материјал биле, колку биле на број, се прашањата на кои кој знае дали некогаш и воопшто ќе се одговори.
Во 15 век има најмалку два. Обата се задужбини. Првиот го подигна Дели Шахин, вториот Сунгур Чауш Беј.
Презентирајќи го во вакафнамето(1435) списокот на задужбините што ги остава, Сунгур Чауш Беј ја регистрира и локацијата на една од своите воденици. Забележува дека била во градот и дека била “покрај мостот на Дели Шахин”.
Каде бил лоциран, кој бил режимот и се плаќало ли за преминувањето, бил ли пешачки или имал и колска намена, од каков материјал бил, имал ли и фонд за поправки, исто така, останува допрва да се истражува. Со сигурност се знае само дека во функција бил во 1435 год.
И за вториот, и за Мостот на Сунгур Чауш Беј податоци наоѓаме во вакафнаме, во Исхак Челебијното вакафнаме(1508). И овде, определувајќи ги меѓите на некои од увакафените дуќани, донаторот Исхак Челеби бележи дека дел биле “близу мостот на покојниот Чауш Беј”.
Толку и за овој мост. Дополнителна забуна престравува списокот на донираните објекти, кои во вакафнамето децидно се наброени (колку имал анови, каравансараи, дуќани, села, воденици и др.), а за мостот нема ниту збор, макар што, според востановената практика, донаторот морал да обезбеди извори за неговото одржување. Можно објаснение би било дека е подигнат по 1435 год., односно по потпишуваwето на завештанието или дека го подигнале управителите на вакафот, а по смртта на добротворот.
Со вториов мост се потврдува дека Битола во втората половина од 15 век се шири и дека има потреба од нов премин преку реката.
Дали покрај овие два, постоел и трет или четврт, исто така, непознато е.
Која била личноста Дели Шахин и зошто решил да подига мост во Битола, останува енигма. Не можеа да се најдат податоци во делата што го третираат овој период, ниту во оние во кои се обработени биографиите на ваквите донатори. Затоа, пак, благодарејќи на вакафнамето што го остави Сунгур Чауш Беј и на истражувањата на Хасан Калеши, може да се скицира ликот и придонесот на вториот градител.
Битолските преданија говорат дека бил од христијански род и дека како момченце бил одвлечен како девширме (данок во крв) при османското освојување на градот. Презимето Абдулах, кое обично им се додавало на проверените, како да го потврдува тоа. Станал видна личност во воената хиерархија, стекнал и чин генерал. Учествувал во многу битки што ги водел Мурат Втори, меѓу другите војувал и во Албанија. При крајот од животот, дали заради носталгија, како што претпоставуваат преданијата или зашто климата му се допаднала, пензионерскиот живот одлучил да го помине во Битола. Стекнал големо богатство и важел за еден од побогатите граѓани. Недвижниот имот, кој се состоел од дуќани, анови, амами, воденици, ниви, села и др. се наоѓал во Битола, Воден и во Едрене.
Во Битола подигнал неколку крупни, за тоа време и капитални зданија. Првин темелно ја возобновил “Ески Џамија”(“Старата xамија”), која оттогаш доби и ново име, “Сунгур Чауш Беј” џамија. Подигнал ан, амам, завија, медреса, библиотека (прва на Балканот). Изградил и имарет и тој е првата добротворна кујна во Битола. Завештал 44 дуќани со чија кирија требало донираниот имот да функционира без проблеми. Таква намена имале и приходите од лозјата, бавчите од леринското село Пополјани. Откако го извршил светото задолжение – поклонение во Мека и Медина, починал, како што се претпоставува во 1439 год. Битолските преданија говорат дека бил погребан во Битола, во една од просториите на имаретот и дека гробот постоел до Втората светска војна.
Тоа е за градителите. Сега за локацијата на мостовите.
За да се одговори на ова прашање треба најпрвин да се дешифрираат маалите, пазарот, чаршијата, односно да се открие каде била најголемата фрекфенција и каде имало потреба од драгорски премини.
Според пописот од 1468 год., кој приближно се совпаѓа со подигањето на првите мостови, Битола имала 7 маали, шест биле муслимански, едно било христијанско. Поаѓајќи од локациите на богомолите, околу кои по правило се концентрираат и населбите, скоро со сигурност можат да се посочат и локациите на маалите. Христијаните своите живеалишта ги групирале околу денешната црква “Св. Димитрија”. Таа е единствената во градот во 15 век и е единствената што го преживеала османското освојување на градот. Муслиманските жители биле сконцентрирани околу: “Старата џамија”, “Муфтијната џамија”, “Исхак Челебијната”, “Хаџибеговата”, “Хајдар кадијната”, сите од левата страна на Драгорот. Во ова време и пазарот, според вакафнамето на Сунгур Чауш Беј, бил од левата страна и се наоѓал пред “Старата џамија”(денес паркиралиште на “Јавор”). Тука биле и најбројниот дел од дуќаните, тука, всушност, била битолската чаршија, односно тука било градското јадро.
При ваква убикација, најкратката и најбрзата, односно природната врска меѓу двата дела, би бил мост што би бил некаде каде што е денес Мостот кај Безистенот. Мостовите се тврди традиционалисти, секогаш ги следат местата на кои биле предходните мостови. Мостот кај Безистенот е еден од нив. Во средината на 17 век таму се наоѓал камениот Голем мост, во средината на 19 век Едвард Лир на тоа место го насликал дрвениот мост-пазариште. На тоа место тој ќе остане и во времињата што следат.
Локацијата на вториот не се знае, би требало од истите причини да се бара лево или десно од првиот…
(продолжува)
Извадок од книгата Драгор на проф. Александар Стерјовски
Поврзано: