Горан Пинза, урбан битолчанец, по занимање туристички водич и голем борец за правда и доброто на нашиот град. И покрај неговите секојдневни обврски сепак оддели малку време за кратко интервју, еден мал дел од неговиот живот кој ќе го доближиме до сите вас. Неговиот темперамент во комбинација со големата љубов на родниот крај го прави да биде тоа што е тој денес, единствен и препознатлив во негов стил. Можиме слободно да речиме дека е дел од битолчаните со кои сме среќни што ги имаме.
Кратко инфо…
Најкраткиот опис со кој би се претставил би бил локал патриот и домољуб.
Роден тука во градот под Пелистер, основно образование завршив во ОУ “Коле Канински” за подоцна да продолжам во гимназијата “Јосип Броз Тито” или популарната “Горна Гимназија”.
Следеше запишување на Факултетот за Туризам и угостителство во Охрид каде што дипломирав во 2008-ма година.
Себеси се сметам за вљубеник во спортот, планината, желен за патувања и осознавање на нови предели, култури и дестинации. Некогаш пасиониран навивач на РК и ФК Пелистер со педесетина гостувања низ Р. Македонија. Активен борец и поборник за подобро утре, за подобар град и почист воздух , за враќање на сјајот на Битола, за воскреснување од апатијата и мртвилото во кое тониме.
Неизмерна љубов кон градот…
Таа веројатно се роди од најмалите години и трае до ден денес. Најпрво од приказните на покојните баба и дедо, па се до прошетките во паркот, пешачењето до Копанки и планинскиот чај, возењето со “Meчо” до Зоолошката градина, натпреварите на стадион и во Спортската сала Младост, дружењето со другарите кај Офицерски, на “Ракометно” и “Кошаркарско” (денешни тениски терени), возењето на скироли по битолските улици како и точаци до околните села…..ова и уште мал милион други примери се она поради кое го засакав градот и сум неизмерно горд на истиот.
За жал, горд само на историјата и спомените, на традицијата, но не на она што е Градот денес.
Професионалните почетоци…
Како член на Словенечкото друштво Триглав во кое членувам од самиот почеток и сум еден од основачите (мојата мајка е од Словенија, па од тука се и словенечките корени) бев еден од организаторите на посетите кои ги правеа разни делегации во нашиот град. Од тука се роди идејата професионално да почнам да се занимавам како туристички водич, работа која со официјална државна лиценца ја работам од 2012та година. Сметам дека тоа е мојата најдобра досегашна одлука, нешто кое о работам со голема љубов, страст и посветеност. Од тогаш до денес над 1000 туристи досега биле мои (или гости на друштвото) кои останале најмалку со 3 или 4 ноќевање во нашиот Град и заминале од овде со прекрасни спомени. Тоа се најчесто хорови, фолклорни групи, разни пензионерски/планинарски друштва и сл. Зборуваме за бројка од 3000-4000 ноќевања остварени во град Битола, нешто кое е раритет бидејќи групите кои доаѓаат од странство во над 80% од случаите за ноќевање ги избираат двата најразвиени туристички центри – Скопје и Охрид. Јас инсистирам на ноќевања во Битола па од тука секој ден во зависност од програмата ги посетуваме околните центри и туристички атракции како што се – Националниот Парк Пелистер, Крушево, Прилеп, Преспанското Езеро, Националниот Парк Галичица и се разбира, бисерот на Балканот-Охрид со Охридското Езеро.
Работејки на територијата на цела држава, покрај словенечките туристи сум имал гости буквално од половина свет. Голем дел од нив за жал во своите програми ја немаат Битола, но оние кои биле тука се многу пријатно изненадени од она што Битола во себе го крие и се воодушевени од некогашната позиција на Градот, приказните (кои не се митолошки, ниту нешто е додадено), пријатната и опуштена атмосфера итн. Сметам дека професијата туристички водич е една прекрасна можност човек да ја претстави својата земја, својот регион или Град и може да се работи само со љубов и никако поинаку. За таа цел треба константно прибирање на нови, но релевантни информации, како и објективно презентирање на историјата и она што е значајно пред гостите кои ни доаѓаат.
Идејата за Мапата и Брошурата на Град Битола
Во 2017-та година, заедно со мојот сегашен колега и долгогодишен пријател, Иван Чулакоски, ја увидовме потребата од печатење на мапа на Град Битола. После кратко време и споделување на идеите и замислите, следеше реазлизација на проектот МАПА НА ГРАД БИТОЛА која беше во џебно издание, еднострано испечатена во 10.000 примероци и која што беше од голема корист за туристите кои ја посетуваат Битола.
Следната година ја изготвивме новата верзија на мапата (сезона 2018/2019) која беше доста посодржајна, печатена двострано во 12.000 примероци и за која добивме безброј пофалби, но се разбира и по некоја добронамерна критика, со цел наредната да изгледа уште подобро.
Оваа година следеше најдоброто од нас. Ја издадовме брошурата која во себе ја содржи и мапата на Градот и која е испечатена во 15.000 примероци. Се работи за колор верзија на 32 страни со општи информации за Градот, кратка историја, главни културни настани, податоци за Националниот Парк Пелистер и негови карактеристики итн. Покрај тоа, оние кои беа заинтересирани за соработка и промоција, го добија својот дел во различните категории (сместувачки капацитети, кафетерии, ресторани, туристички агенции, останати услужни дејности…). Прашање на часови е кога ќе излезе и мобилната апликација со име “Bitola City Guide” која ќе може да се симне за андроид верзија од апликацијата “Play Store”. Со ова само го надополнуваме нашиот производ и сакаме да се доближиме и до помладата популација која секојдневно користи “smartphone” и полесно се снаоѓа на тој начин.
Морам да напоменам дека брошурата заедно со мапата, како и симнувањето на апликацијата се бесплатни. Тоа е од почетокот и ќе трае се додека овој проект живее.
Која е идејата и кој се помогна во остварувањето?
Потребата од туристичка мапа ја има секој град во кој доаѓаат барем стотина туристи во текот на годината. Вакви или слични мапи ние среќававме низ цела Европа и најчесто се делат бесплатно, така што ова не е некоја револуционерна работа, туку само имплементирање на нешто што е неопходно и корисно за посетителите.
Уште во самиот старт наидовме на многу позитивни реакции и голем дел од угостителите по само неколку секунди разговор беа спремни да помогнат и да учествуваат во креирањето на првата мапа. За жал, институциите кои се најмногу засегнати и се надевавме дека ќе сакаат да помогнат -грубо не одбија. Тука мора да го споменеме управниот одбор на Музејот на Град Битола, како и хотелот Молика. За нив овај проект е безвреден и тие останаа неми на нашите барања, втора година по ред.Конкретно за Музејот. Ние како туристички водичи во текот на годината во двете институции во кои се наплаќа влезница од 120 денари или 2 евра за странски туристи носиме стотици гости на кои претходно им ја презентираме важноста и богатството кое имаат да го покажат локалитетот Хераклеа Линкестис и Музејот на Град Битола.Очигледно нивната заложба е дека тие не треба да помогнат проект од релативно голема важност за развојот на туризмот во нашиот Град и гостите сами ќе ги најдат и откријат, а тие и натаму ќе си уживаат на своите позиции, директно зависејќи од тие исти туристи и влезниците кои ги плаќаат!
За иднината на туризмот во нашиот Град и регионот…
Ова е за мене најтешката и најболната тема на разговор. Сметам дека Град со таква историја, местоположба, близина до најстариот национален Парк не заслужува да биди на ова ниво и позиција. Треба многу малку за нештата да се сменат но треба воља, њелба за работа и дела, а не празни ветувања. Имаме неограничени можности за создавање на приказни засновани на вистински случки и настани, создавање на промоциски слогани и маркетинг во регионот и пошироко, обележување на најзначајните локалитети, подигање на нивото на организација и промоција на најзначајните културни манифестации итн.,итн…..
Ни требаат пред се побезбедни и осветлени влезови на Градот, поголема еколошка култура, креирање на заеднички производ и делување на сите засегнати страни. Само така можеме да направиме нешто корисно и добро.
За жал, колку и да звучи грубо или пристрасно, децении ништо не е направено на ова поле. Наместо Градот да живее 12 месеци од туризам, ние како граѓани ги чекаме само тие 2 летни месеци во кои се враќаат нашите повратници и сметаме дека тоа е тоа…..Колку само грешиме !
До нас имаме Национален Парк кој е игнориран и од локална и од државна власт, а ќе потсетам тоа е најстариот Национален Парк прогласен во поранешна Југославија. И се користи 2 месеци во текот на годината, пристапот во зимскиот период е благоречено хаотичен, а нашите сограѓани побрзо ја бираат Вигла или Банско, бидејќи тие станаа зимски центри, а по карактеристиките на планината се смешни и минорни во споредба со нашата Баба. Успеавме да го уништиме детското одморалиште, сместувачките капацитети во Стрежево, да оставиме водата во НП да не се пие поради немањето канализација, 6 години да зборуваме за еден планинарски дом, чиј е и кој ќе го гради, да немаме 7 години жичара поради тоа што немаше кој да ја смени сајлата на истата……во некоја друга нормална држава и општество тоа ќе беше зимско -летен центар во кој ќе работеа стотици луѓе, со одморалишта, ски патеки, терени за разни спортови и рекреација, неколку жичари и ски лифта, спа центри, зиплајн….. но нека биде, дај боже да биди и да го направат некои нови генерации. Од мене ќе ја имаат мојата поддршка бидејќи само еден град можи да биди во срцето и само за него има место……за крај сакам да се заблагодарам за укажаната чест и внимание со поздравот – ACTA, NON VERBA !
п.с. Сакајте ја и борете се за Битола, таа тоа го заслужува ! Имаме богатства кое ретко кој го има. Ако искрено се потрудиме и заеднички ангажираме – ќе бидеме многу повеќе од она што сме денес, и ќе им оставиме на идните поколенија Град за почит и место со кое ќе се гордеат, не размислувајќи да побегнат од истиот при првата можна прилика.
………………………………………………………….
Доколку сте заинтересирани за разгледување на најубавите и најинтересни предели од Битола и Македонија слободно да го контактирате на неговата фејсбук страна Tour Guide Goran Macedonia