Ѓорги Атанасовски од Битола е еден од високоталентираната генерациска плејада на битолски цртачи од кои со нивните дела се украсени многу илустрации низ целиот свет, анимирани ликови од светски познати игри, до македонските поп ѕвезди и икони како Игор Џамбазов, глумците од познатата серија Преспав, како и поновите македонски супер херои, ете да речиме Супер Пејо.

Не би биле вистински битолчани доколку не им дадеме барем малце значење за нивната работа, почитувајќи го тоа што го прават и заради кое се препознатливи низ целиот свет. И така испративме едно здраво до Ѓорги и побаравме мало инфо за него, кога е роден, сколија, работа, фамилија, хоби и слично…

Ѓ. А: Здраво и од мене, роден сум во Битола пред едно 39 години со завршено средно електро (за среќа или несреќа некако не пројавив интерес баш за струјата), моментално работам како мулти универзален ИТ прицкач.
Женет, родител на две машки деца, хоби реално немам бидејќи не ми останува време, а искрено не би знаел дали би имал. И да го имам тоа време, изгледа пак би цртал бидејќи ако не сум со фамилијата- цртам.

View this post on Instagram

W.I.P…. #dinosaurs #characterdesign #cintiq

A post shared by Gorgi Atanasovski (@atanasovskigorgi) on

– Од кога е пасијата за цртање и колкав период се занимавате со тоа?
Па цртам некаде од мојата 10-та година али професионално пред едно 12 години, се вработив во една фирма како илустратор по наши кажано цртач и тековно низ работата покрај илустрации за игри почнав да правам кратки анимации на игри и детски видеа. Во изминативе години во моето искуство покрај цртањето, анимирањето, се донаградив и на други полиња во ИТ индустријата.

– Дали талентот е една од наследните особини или прв сте во фамилијата?

Па да бидам искрен мојот татко е најголемиот виновник што цртам. Имаше една случка каде тој нацрта нешто на брзина за да ми покажи и веднаш добив желба и јас да нацртам…
Така да јас сум единствениот од моите колеги кој верува дека не постои талент туку
работа, пожртвуваност и огромна желба за успех. А велам така дека од изминативе 28 години сигурно 27 и пол цртам.

– Што всушност црта Ѓорги? Карикатури, илустрации, анимации за игри итн.?

Што цртам. Цртам претежно cartoon карактери, отсекогаш сум го сакал тој стил и некако ми легна низ годините. Цртам и пореални илустрации али избегавам. Имам искуство во правење на анимации на кратки 2Д видеа, исто така искуство во дизајнирање на графичкиот дел за игри и до сега мислам дека имам исцртано преку 150 игри.

– Дали имате омилени теми кои со задоволство ги работите?

Тема…Па незнам, сѐ што е врзано со цртање кога на крајот ќе доловам кај поголем круг на луѓе насмевка, последно им цртам смешни работи во зависност од пријателот со што се занимава и му го честитам родендено во инбокс(не ги објавувам оти е глупаво да се експонирам преку честитките).Сето тоа е за да ја избегнам монотонијата на фејсбук, а и пријателите да се почуствуваваат подобро.

– Дали работите и нешто друго покрај илустрацијата? Можеби некаков дизајн, фотографија?

Па да во моменто сум вработен во една фирма каде работам од илустрации, анимација, постпродукција, текстурирање на 3Д објект и други работи.

– Што би Ви било предизвик да работите?
Предизвик би ми било да работам за некоја компанија пример Rovio Angry Birds или некоја слична компанија.

Колку треба за некој денес да е успешен на ова поле и дали добивате некаква институционална поддршка?

Искрено незнам…Не се осеќам како успешен, а за поддршка освен од фамилијата не сум добил ама од никој друг. И круг на колеги со кој сме во истава бранша. Или каша.

– Дали кај нас, со домашни клиенти, можи да се заработи и добро да се живее од ваков тип цртање или мора да се работи исклучително за странски клиенти?

Реално немам многу домашни клиенти. И тие што ги има на прсти се бројат, а тие што се обратиле не сме имале соработка од икс причини. Па ги има повеќе. Можиш да заработуваш ако најдиш странски муштерија за подолгорочна соработка, али и таму има шалабајзери. Моментално работам за плата во фирма во Битола плус фриленс од дома. Искрено незнам шо да речам, за џип немам, на одмор до Охрид одиме. Па заклучете сами дали добро се заработува со 12-16 дневно работно време. За да се живее пристојно да, али за луксуз не.

– Кој метод на цртање го користите, дали работите целосно дигитално, како што налага денешницата или можеби прво правите цртежи на хартија, па потоа ги скенирате и ги боите на компјутер? Дали можеби работите целосно рачно, со молив, туш и бои на хартија?

Претежно цртам дигитално така ми налагаат проектите, а и начинот на работа, кога правам скици за карактер ако проекто дозволува временски ќе чкртнам на лист (друг е филингот на листот-друг на табла). Си цртаме со поголемиот син од време на време, каде реално многу јаки идеи изникнале за делот на моите илустрации.

– Комичните цртежи на Итар Пејо како суперхерој Супер Пејо, ликовите на Преспав преку вас добија нова димензија. Станавте популарен и со карикатурите на македонските поп ѕвезди. Како стигнавте до вакви идеи?

View this post on Instagram

Poser Prespav univers…idejata na @sashkopotter

A post shared by Gorgi Atanasovski (@atanasovskigorgi) on

Па вака цела идеја се случи спонтано. Имаме група на цртачи каде се дава неделен предизвик за илустрација, предизвикот за таа недела беше лик од минатото како супер херој. Го нацртав Крали Марко како супер херој и мојата сопруга како најголем критичар (големо ФАЛА до неа оти ќе го чита ова) ме праша оти не го нацрташ Трајче Дрварчето, па го нацртав Игор Џамбазов како супер херој налик на Трајче од детството, го тагнувам на Инстаграм и добивам од него огромна благодарност,

па го сподели кај него и следно почнувам да добивам пофалби од Таљат (Дритон), Тијана, Панчо од ДНК.

И си велам да ги испоштовам луѓево што ми ја бендисаја работава ќе ги нацртам и нив. Следно шо беше е лавината од следбеници и барања: “Ај нацртај го инспекторо” , па овај па онај и се спонтано стигна да ги нацртам сите па дури и едно чупе голем фан на Елена Ристеска која ме замоли да ја нацртам и Елена. Се редеја Иџе, Кипро, еден куп. Следно добивав порачки да ги нацртам цели фамилии како супер херои. Интересно е и да посочам идејата за Итар Пејо како Супер Пејо не е моја туку на мојот поголем син Томислав. Има натпревар во моменто „Јас, Итар Пејо“ каде учествувам со моја илустрација поврзана со Итар Пејо и син ми ми вика “Тато можи и јас да учествувам?”, можи му велам како не, наредниот ден ми носи цртеж Итар Пејо како Супер херој. Прејака ми беше идејата да го нацртам Итар Пејо како супер херој и си викам штом е во фамилијата не е кражба 😃. Но, во неговата илустрација има многу поголема приказна отколку само обичен супер херој, а тоа ќе го оставиме за него кога ќе му правите интервју за 10-15 години да каже дали постои талент или не.

Ве поздравувам сите, голема благодарност за вашиот интерес, следете ме на Инстаграм и Фејсбук.