Податоците за генимаалскиот нунко, еден мошне интересен, подзаборавен обичај, за првпат се обелоденети во битолскиот седмичник „Пелистерско ехо“. Првин во бројот 5 од 31 јануари 1942 год. со статијата „Една крепост на бугарштината“, овдешната јавност посебно била заинтригирана, а со „Кој е нункото“ од бројот 56 од 23 јануари 1943 год. беа понудени и одредени податоци.

Иницијатор и најдиректен учесник за неговото возобновување по долгата српска забрана, бил помошникот кмет на Битолската општина, д-р Константин Робев, стар битолчанец и познат и ценет интелектуалец. Тој нашол и повод како да го направи тоа, го искористил празникот Водици од 12 јануари 1942 год., при што извел паралелно одбележување: фрлање крст во реката Драгор и обновување на обичајов.

Фрлањето се случило во претпладневните часови, во присуство на видни личности и на половина население од Битола, додека специјалната прослава, со богата програма и возобновувањето бидна во попладневните часови во училиштето „Даме Груев“. Биле присутни 200 – 300 генимаалци и високите личности при фрлањето, епископот Харитон, командантот на дивизијата Боев, неколку високи офицери, обласниот инспектор Фајтонџиев, кметот Илија Ненчев, шефови на областните служби и повеќе видни граѓани, главно, експонирани бугарофили.

Попладневното празнување отпочнало со панихида и молебен во сослужение на епископот и на уште неколкумина свештеници. Хорот на училиштето ги испеал двете химни, националната и на царот, била изрецитирана и песната „Генимаале“, напишана за оваа прилика, па следеле говори од Харитон, од полковникот Боев, кметот Ненчев и од Трпко Трпев, кој го презентирал и краткиот историјат на обичајов.

Во програмата посебно интересен станал изборот на нункото, прв во новото време. Се извел со парченца леб, со сребрено крвче во едното. Случајно, поверојатно, наместено, го извлекол иницијаторот, д-р Константин Робев.

Прославата завршила според вековната традиција, со прибирање средства наменети за добротворни цели. На тој начин во минатото се мажеле бедни девојки, се граделе јавни објекти, меѓу другите, и генималското училиште.

Следната, 1943 год., изборот на нункото се повторил во истото училиште и во иста режија: богослужба, химни, рецитации, говори. Сега д-р Робев бил оној кој се обидел да ја реконструира традицијата. Новина бил присутниот релјеф на спасителот и малата сценска игра што ја извеле учениците од истото училиште, која ги трогнала присутните.

Следувало повторно прибирање доброволни прилози, при што најдарежливи биле помошникот на обласниот директор, Христо Миладинов, и полковникот Иван Маринов, со по 1.000 лева, а кметот Илија Ненчев и еромонахот Генадиј, кој ја водел богослужбата, приложиле уште повеќе, по 2.000 лева.

Обичајов, инаку, имал традиција скоро еден век. За првпат, како што е кажано претходно, бил изведен во 1869 год. на Водици, во црквата „Св. Недела“, и најзаслужен за востановувањето тогаш бил Димко Радев. Тој ја пласирал и идејата, бил и домаќин во следната година. По доаѓањето на српските власти во 1912 год., обичајов бил забранет и фрлен во заборав.

Генималскиот нунко во современа Македонија доживеа уште една обнова. На иницијатива на неколку постари и познати генимаалски семејства, во 2004 год. била организирана заедничка прослава, но сега на Коледе. Неодминливиот домаќин, односно нункото го зазеде своето место. Заедно со семејството прибирал пари за дрвата за огнот и за закуската. Изборот негов не бил со крвче, туку според лична желба. За своите заложби нункото добивал крст, еден помал, од 10 сантиметри, кој останувал во негова трајна сопственост, со врежан датум на годината кога ја вршел функцијата и поголем, кој патувал од семејство до семејство, заедно со функцијата.

Извадок од книгата Калеидоскоп, Александар Стерјовски