Васно Карангелевски е роден во битолското село Брусник, на 7 јули 1921 година, во печалбарско семејство. Мајка му работела по туѓи ниви, а тој уште како млад бил земјоделски работник и чувал туѓ добиток. По бомбардирањето на Белград, Васко се вклучил кон новоформираната младинска група во селото.
Во војната учествувал од 1941 година, кога се вклучил во партизански одред. Бил член на СКОЈ од 1941 година и член на КПМ од 1943 година. Заедно со одредот, Васко Карангелевски се движел по планините: Пелистер, Баба, Вич. Набрзо станал командир на чета, а потоа и командант на баталјон, заменик на командант на бригада, командант на бригада и командант на дивизија.
Во текот на декември 1943 година, кога Германците подготвувале офанзива против бригадата, Васко Карангелевски учествувал во борба гради во гради. Резултатот од таа борба бил: педесет убиени Германци, четириесет и двајца заробени, осумдесет пушки, десет полуавтоматски пушки, два митралеза, два минофрлачи, десетина илјади куршуми и стотина мини. Со баталјонот „Стив Наумов“ учествувал во Февруарскиот поход. Кога била формирана Третата македонска ударна бригада, Карангелевски бил назначен за командант на баталјон. Со овој баталјон Карангелевски учествувал во многу борби: кај Ново Село, кај Пробиштип, во офанзивата на Герман Планина, на Плачковица, Огражден и други.
За народен херој бил прогласен на 29 ноември 1953 година.
По Ослободувањето дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во СССР, на ВВА и на Курсот за оператика на ЈНА. Бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија. Бил член на ЦК на КПЈ. Загинал во несреќен случај на 3-ти февруари 1977 г. , за време на лов на терените на планината Караџица.
Во негова чест се наречени една улица во општина Битола и една во општина Аеродром.
Извор Википедија