На надморска висина од 2.218 Големо езеро е во рамките на Националниот парк Пелистер. Настанато е со заемно дејство на ерозивните и акумулативните глацијални процеси, во преиздлабениот дел на циркот, кој од јужната и источната страна е заграден со моренски бедем, чија должина изнесува 320 м. Во правец југозапад-североисток езерото е долго 228 м, а најголемата ширина во правец ЈИ–СЗ изнесува 196 м. Вкупната должина на езерскиот брег изнесува 785,25 м, а во овие рамки тоа зафаќа површина од 42.000 м2. Најголемата длабочина при највисокиот водостој изнесува 17,2 м, додека при најнизок водостој таа е 13,8 м, односно просечната длабочина при среден водостој е 15,5 м според што тоа е трето по длабочина природно езеро, а најдлабоко планинско езеро во Македонија. Денешната патека за движење беше с. Нижеполе, Дебел Рид, Големо езеро и назад. Патеката е видливо обележана.
Видео и фото Мартина Николовска