Фељтон: Помеѓу минатото што не обврзува и иднината што ја градиме

од April 30, 2026 0 коментари

АК Олимп денес блеска. Со нова генерација, со резултати што повторно го враќаат клубот таму каде што природно припаѓа, на врвот на домашната атлетика. Но ова не е приказна што почна вчера. Ова е клуб што го возобнови група битолчани, вљубеници во атлетиката, откако замре и токму затоа е значајно да се знае колку вреди континуитетот. Клубови со тежина не живеат само од сегашноста. Тие паметат. И знаат од каде доаѓаат.

Во периодот што следи, нашиот портал отвора фељтон со серија објави во кои ќе се навратиме на моментите што ја дефинирале атлетиката во Битола. Не е целта да се задржиме таму, туку да поставиме јасна линија меѓу тоа што сме биле и тоа што повторно го градиме како битолска атлетска историја.

Затоа враќањето кон еден пожолтен исечок од 1972 година, не е чиста носталгија. Тоа е проверка на стандарди.

Во неколку реда стои име што ја дефинира таа епоха. Вера Велјановска избрана за спортист на Македонија за 1971 година. И тоа не е никаква протоколарна чест, туку резултат на јасна доминација: први места на младинските државни првенства на Југославија во дисциплините на кратки патеки и, потоа, Дуизбург. Европа. Шесто место на младинското европско првенство.

Во спринтот, тоа е позиција во кругот на најдобрите. Дисциплините на 100 и 200 метри не простуваат. Таму нема тактика што спасува, нема простор за грешка. Или си меѓу елитата, или не си дел од приказната.

Контекстот ја дава вистинската тежина. Југословенската атлетика во тоа време значеше силен систем, широка конкуренција и високи критериуми. Во таква средина, Велјановска не е исклучок, туку врв на една континуирана работа на АК Олимпија, денешен АК Олимп, клуб што функционирал како вистинска школа за шампиони.

И токму тука доаѓа моментот што бара големо внимание. Од осамостојувањето на Македонија до денес, во дисциплините 100 и 200 метри нема финале на европско или светско првенство, во ниту една категорија.

Тоа не е споредба за да се намали сегашноста. Напротив. Тоа е линија што покажува колку високо било поставено нивото.

Велјановска во тој период не била само најдобра во Македонија. Таа била најсилното име на кратките патеки во Југославија. А тоа значи систем, работа, дисциплина и амбиции што не прифаќаат просек.

АК Олимпија тогаш постави стандарди.

Денес, АК Олимп повторно создава атлетичари и носи енергија што е евидентна на натпреварувањата. И да, тоа се прави со работа, визија и со тим што веруваат во процесот.
Денешните факти на возобновениот клуб се поедноставни од наративите: клубот е активен, резултатите се врвни, системот се гради.

Ова е првиот текст од фељтонот.
Следува уште.

Затоа што минатото е бесценето.
А иднината со резултатите од возобнувањето на клубот, доминацијата на подиумите и визијата на тимот, е одлична.

Babam Bitola

Comments are closed.