Деветнаесеттиот век донесе промени и во структурата и во начинот на исхраната. Првин се промени бројот на оброците. Кон стандардните два, се придодаде и појадокот, кој, скоро обврзно се прескокнувал. Без него, како прв оброк фигурирал ручекот. Се консумирал додека пладнувал или пасел ѕевгарот, додека се чекало да одмине жегата за да продолжи жетвата, односно додека ќепенците биле спуштани за пладневен одмор, а мајсторот дремкал во некој агол од својот дуќан. И овој оброк, макар што ги соединувал двата, бил скромен, се состоел од неизбежното бело сирење, од кромид, лук, праз, црвени пиперки. Се консумирале и многу краставички, главно без сол.
Биле мали, но за западноевропејците, кои имале прилика да ги вкусат, биле многу вкусни. Цвеклото, репката, донекаде и зелката биле непознати, а компирот имал третман на редок деликатес („Помнам, вели Русинката М. Карлова (1868), дека во Кичево, архиереот не гоштеваше со јадење од компири од својата бавча: компирот ни го послужија како најотмена реткост.
Вечерата била најобилниот, всушност била главниот оброк и време кога сето семејство се збирало на едно место. Тогаш се градел семејниот амбиент, се разрешувале материјални и други проблеми, се кроеле планови за наредниот ден и за иднината. Вечерата била прилика да се поигра и со рулчињата, да се казнат или укорат оние што не си ги извршиле задолженијата. Заради обилноста и мрснотијата од пастрмата или од другото тешко сварливо месо, поединци дежурале скоро целата ноќ.
Ваквиот распоред започнал под тие влијанија да се руши и да се осовременува. Промената, очекувано, се случила во семејствата со европски искуства, а како позитивна да се прифаќа и од други, за да стане на крајот општ стандард. Појадокот на тој начин конечно се инаугурирал и си го зазел местото на нашата трпеза.
Се јави промена и во структурата на храната. Започнале да се користат и земјоделски производи што не биле познати кај нас. Се откри грашокот, кој во Битола пристигна во 1852 год. Заслугата му припадна на првиот британски конзул, Xон Аугустус Логворт. Големо влијание во промената во исхраната имаат и лазаристите од редот „Сен Венсан де Пол“ во Битола. Покрај својата црква, која се наоѓала на Широк сокак, од нејзината источна страна, имале подигнато огледна зеленчукова и овошна градина од 11 хектари која, за свои потреби, со љубов и голема одговорност ја обработувале. Со изобилството вода добиена од јазот што протекувал низ градината, одгледувале и зеленчук што дотогаш бил непознат во Битола, а семето го набавувале од матична земја, Франција. Лепавек, основоположникот на мисијата, како и Касаш, супериорот, направија, од неа, како што тврдат современиците, „Револуција на пазарот за зеленчук и овошје”. Не само слуги на паши и бегови што доаѓале со молби за семиња, гранчиња за калемење од новите сорти овошки и за совети, доаѓале и професионалните бавчанџии.
Во последните децении на 19 век и компирот трајно се настанува на нашата софра. Доматот, пак, долго ќе го нема третманот и значењето што му се придава денес. Се консумирал ретко, се избирал зелениот, не да ја зботати салатата, ами да биде додаток на варилата.
Проф. Александар Стерјовски во Битола низ вековите 10