Ева Дамјановска е 12 годишна девојка од Битола која со поддршка на нејзината фамилија одлучи да се испроба во еден од најтешките спортови каде преовладува посилната страна, мотокрос. Ние како репрезенти за Битола и битолчан(к)и одлучивме преку кратко интервју да ѝ дадеме мало внимание кое го заслужува…

Здраво Ева. Од каде доаѓа љубовта и пасијата за возење мотокрос?

Прво почна да вози татко ми, па после него и брат ми кој веќе 4 години е државен шампион. Одевме секаде на трки со нив, ги гледав и ми се вроди љубов кон овој спорт и јас да пробам да почнам да возам и одлучивме да купиме уште еден мотор само 6 дена пред трка.

Дали е тешко за една девојка од 12 години да го совлада овај спорт?

Мислам дека ако нешто многу се сака не е тешко, малку ми е тешко само со тежината на моторот бидејќи немам толку силни раце како машките, но се снаоѓам некако. И сето тоа е додека не тргниш, после е лесно.

Колку време е потребно за да се усовршат вештините и да се започне со трка во која учесниците се од посилниот пол?

Основните работи и правила се учат одма. Штом јас успеав да се тркам со само 4 дена тренинг мислам дека со повеќе тренинзи ќе е многу полесно, иако мото кросот е еден од најтешките спортови кој бара многу голема физичка подготвеност концентрација. Патеката по која се вози во секој круг се менува и сака голема концентрација и треба да се внимава затоа што се вози со повеќе возачи. Кога застанав на рампата не ми беше важен полот туку дека треба да ја извозам трката иако беше многу тешко поради дождот и многу кал.

Дали сте единствена млада девојка од Битола, а можеби и од Македонија која на 12 години се одлучи да вози мотокрос или тоа се случи уште отпорано?

Од Битола сум единствена, а во Македонија понекогаш иди да вози малата Нина која е од Косово. Во последните неколку години колку што сме во овој спорт немаше девојка да вози, а за порано не знам, мислам дека не.

Каква е поддршката од вашата фамилија?

И јас и брат ми имаме максимална поддршка од фамилијата која се залага со сите сили да ни овозможи се што е потребно за натпреварување и тренирање. Татко ми ни е од најголема помош и на двајцата за сите натпревари, тренинзи, поправки и сѐ друго поврзано со моторите, а мајка ми е задолжена за опремата. Останатата фамилија ни е најверната публика која секаде не прати.

Некоја интересна случка?

Засега сѐ ми е интересно бидејќи возам само 5 дена, се надевам дека понатаму ќе има многу интересни случки каде ќе можам да одвојам некоја.