Еурофарм триумфираше на гостувањето кај Спартак Москва со 21-33 (11-19) во последниот десетти натпревар од групната фаза.
Најефикасен во победничките редови беше Граџан со седум голови, Ѓукиќ постигна пет, а во рускиот тим шест голови беа дело на Воиниуш. Митревски собра 10, а Чаневски осум одбрани, со што македонскиот вицешампион ја комплетираше најдобрата партија во гости сезонава. Битолската екипа ја прекина долгата негативна серија во регионалното натпреварување од шест порази по ред.
Со овие бодови ракометарите на Еурофарм ја обезбедија четвртата позиција во групата Б и во осминафиналето според најавите ќе играат против Нексе од Хрватска. Дуелите ќе се одиграат на 1/2 февруари и 11/12 февруари 2020 година.