Првиот натпревар за Еурофарм Работник во СЕХА лигата донесе пресврти, неизвесност и победа над Спартак Москва од Русија (34-29) во рамки од групата Б. Заедно со Веспрем и ППД Загреб, македонскиот вицешампион се искачи на делба на првата позиција.
Почетокот беше лош за домаќинот, кој дозволи да прими неколку брзи гола и да брка негатива во текот на поголемиот дел од полувремето. Деревен го отвори резултатот, а првиот погодок за битолчани го постигна Гукиќ. Крилата беа најопасното оружје на „фармацевтите“ во офанзивата, но и тие не беа доволни за да се избегне високата негатива.
Рускиот претставник стигна до највисоки 4-9 и го користеше лошиот ритам на голманот Митревски. Деревен делуваше разиграно и беше проблем за одбраната на домашниот тим. Вториот дел од полувремето им припадна на ракометарите на Алушовски кои со брза серија од 3-0 го натераа противникот да повика минута пауза.
Стјепановиќ се погрижи да израмни на 10-10, а неколку минути подоцна Вегар погоди за прво водство на Еурофарм Работник и голема радост на публиката во салата „Боро Чурлевски“. Последните минути им припаднаа на Маџовски и Џукиќ кои во завршницата донесоа прва предност на својата екипа од два гола (15-13).
Домашната екипа одржуваше позитива од два-три гола и играше далеку посигурно во однос на почетокот на натпреварот. Митревски се разбрани, а тоа дополнително им даде полет на неговите соиграчи, кои по 40 минути игра стигнаа и до највисоки +4.
Спартак правеше јалови обиди да се врати во игра, но немаше свој ден во одбраната. Тоа го искористи Ојлески кој во контра напад погоди за недостижни 31-24 и стави точка на натпреварот. Гостите од тој момент играа само за да го ублажат поразот.
Стјепановиќ беше незадржлив и постигна највисоки десет гола за Еурофарм Работник, а Вегар беше веднаш зад него со пет реализации. Кај гостинскиот тим со осум погодоци најдобар стрелец беше Деревен.
Извор и повеќе на ГОЛ.МК