Баба ми…Марија. Ја избегнувам Битола, а душата таму ми е.
Знам дека ме гледаш од некаде, дека се мрштиш кога не сум спастрена, научив дека на денешен не се чисти и готви (дека јас па се отепав и од двете праење), знам дека си горда на мене. Ќе дојдам наскоро Битола, со нова книга и со срцето расечено на две.
Ми недостасуваш секој ден… Нене ❤

АНА БУНТЕВСКА

„Плетеше баба ми, многу плетеше
ја паметам со чингелакето и конците
со комплицирани шеми кои не ги разбирав
и не ми беше јасно зошто толку време и труд
кога имаше толку други работи кои можеа да се прават
ама ете, таа плетеше
неуморно рацете и’ вртеа
дури и кога ги слушаше вестите или муабетеше со комшиките
кои доаѓаа со плетилата и торби полни конци
та минуваа часови движејќи ги прстите и устите
си разменуваа рецепти и животни совети
малку и се потчачнуваа чија снаа е полоша
ама години и години создаваа украсни чаршафи за маси
прекривки за кревети
миленца кои никогаш не се користеа
“чупче, за чеизот твој ги спремам
оти срамота е да влезиш во нечија куќа така
ко гола да си, ко да немаш фамилија!”
е така велеше баба ми дур ме погледнуваше низ наочари
меѓу две вртења со рацете со брзина на светлината
а мене смешно ми беше
па си велев чуму сите тие дребулии
чуму толку труд и зацрвенети очи
а сега баба ми ја нема
еве, деновиве веќе дванаесетта година како е кај дедо ми
а мене ми останаа чаршафите
едниот од нив паметам дека се вика “Изгубениот пат”
спомени ми останаа и еден куфер бели и кремави чаршафи
мирисот нејзин во умов и нијансата на нејзиниот црвен кармин
ама сега знам, сега разбирам
знам оти на овие години рацете треба да ти вртат за умот да не ти се сврти
дека тој сам си фаќа пат ако не го спрегниш ко коњите што ги спрегнуваат
па можеби плетењето на баба ми во тоа време е моево пишување сега
оти и јас плетам
зборови плетам за чеиз на ќерка ми
кој веројатно ќе заврши во некој куфер
или пак таа ќе си го најде своето “плетало”
за умот да си го варди
за да не му дава многу да се расшетува на стари години
оти со умот никогаш на чисто не си
та пушти го од вид и ене, забегал некаде
и сега ми иди да можам на баба ми да и’ речам
“знам, види дека и јас плетам
малку поинаку, поразлично
ама исто комплицирано, а воедно и едноставно
сега знам и сакам да можеме заедно да си поплетиме
оној твојот Изгубен пат во кој и јас се најдов
во кој ме има, во кој те има”