Битола генерации наназад може да се пофали со докажаната убавина на битолчанки која надалеку е прочуена и призната насекаде низ светот. Од еден мал дел на Македонија, но со голем процент се истакнува природноста на женското тело, наследната убавина од мајка и од татко која генерации се пренесува од едно на друго колено. Од Битола ни доаѓа и една девојка Елисавета Димовска која е фитнес и кросфит тренер и заради нејзиниот изглед оддалеку можи да се запримети дека таа е наше чупе, битолчанче. Нејзината професија бара многу труд и пожртвуваност и беше предизвик за нас да ја контактираме и да ја доближиме до сите вас, со напомена доколку имате и вие љубов и желба за здрав живот, фитнес или кросфит слободно да ја контактирате.
Здраво Елисавета, поздрав од Бабам Битола и ако може мало инфо за вас?
Здраво, јас сум Елисавета Димовска, 25 години. Сум Нутриционист, инженер и технолог за исхрана. Работам како тренер со групни кросфит тренинзи во Фитнес центарот О2 – Universal и индивидуални фитнес тренинзи. Како нутриционист работам online со моите клиенти, на кои им сум исто така online тренер.
Од каде дојде љубовта кон фитнесот и кросфитот за што очигледно јасно се познаваат резултатите дека се правите со љубов?
Со фитнес, поточно кросфит започнав на мои 19 години, кога живеев и студирав во Солун, потоа продолжив во Скопје, па во Загреб. Уште од првиот тренинг знаев дека тоа е тоа и дека ова сакам да го работам, само, како и сè друго е потребно време за да се стигне до таа цел. Никогаш претходно не сум била активна, а во овој спорт се пронајдов комплетно. Сфатив што сакам да бидам и не си давав изговори кои би ме спречиле да стигнам до целта. И да, сè тоа го правев и правам со многу љубов. Истата таа љубов сакам да ја пренесам на секој кој ќе тренира со мене и токму тоа е она што ме тера да се вложам толку во мојата работа.
Колку време дневно е потребно човек да оддвои за да има совршено тело и здрав дух?
Сметам дека секое тело е совршено и е створено за да биде физички активно, ретко кој дознава за што сè е способно неговото тело. Грижата за нашето тело опфаќа многу повеќе од 1 час тренинг денот (што е сосема доволно и неколку пати неделно, доколку е доволно интензивен). Грижата за нашето тело и дух треба да ја имаме преку цел ден, каква храна внесуваме? Како се справуваме со обврски, проблеми, колку имаме контрола врз нашите мисли? Сè тоа влијае врз нашето здравје.
Колку влијае исхраната во целиот тој процес, квалитетот на живеење, добар сон и слично?
Начинот на исхрана и што внесуваме е правопорционален со тоа колку се сакаме самите себе. Кој сакаш да бидеш во иднина и дали следниот оброк те носи поблиску или подалеку од тоа што сакаш да бидеш? Дали го одбираш најдоброто за себе и зошто не? Сметам дека исхраната има многу поголем психолошки елемент, доколку се анализираме што јадеме, зошто и кога. Кога сме свесни што конкретно не тера да посегнеме по лош избор, тогаш сфаќаме дека во нас е контролата. Нормално, контролата не значи да се ограничиме комплетно и да ги отстраниме сите задоволства, но да бидеме свесни за она колку и што внесуваме. Она што пренесувам на моите клиенти, сите оние кои тренираат со мене е дека не можеш да тренираш како професионалец а да се исхрануваш и да живееш просечно. Сами го диктираме квалитетот на нашиот живот, безразлика на околностите, секогаш треба да се ставаме на прво место.
Колкав период е потребен за некој да го достигне нивото на совршено тело како вашето и дали тоа може постојано да се задржи и зачува?
Ви благодарам на комплиментот. Не сметам дека естетски може да се достигне совршенство, а и резултатите кои ги имам кога сум во период на дефиниција не се одржливи ни за мене преку цела година. Главна цел ми е секогаш физичка кондиција и сила и работам главно на тоа, главниот фокус не го ставам исклучиво на естетиката и тоа е она што сакам да го пренесам и на моите клиенти. Сè додека правите сè што можите и сте упорни и редовни во тоа, ќе имате напредок. А, на крај на денот ако сте посилни, побрзи или можите да направите нешто што сте сметале за невозможно за вас, колку е важна естетиката?
Какво е чувството да се биде Веган и Кросфитер?
Знаев дека и ова ќе ме прашате. 😊😊😊Па, веган сум 3 години, а кросфит тренирам 6 години и се покажа како перфектна комбинација кај мене. Веган сум пред сè од етички причини, а секако ми помогна и да правам поздрав избор на храна.
Што е најбитно за некој да има добри стомачни и дали младите битолчани/ки го пратат трендот на убаво и совршено обликување на стомачните (6pack) ?
Стомачните и јас ги немам преку цела година, за да станат видливи потребен е калориски дефицит и resistance training како и за секој друг мускул да се развие. Но, доаѓаат до израз само на понизок процент на телесни масти.
Колку сте задоволна од вашиот изглед и кои се вашите планови за понатаму?
Моето тело, какво што е, е резултат на години тренинг, на надминување сопствени бариери и какво што е го сакам. За во иднина имам планови компетитивно да се вратам во кросфитот и да се натпреварувам. Моментално сум целосно посветена на моите клиенти и нивниот напредок, спремам следна сезона и нешто ново за клиентите кои ги водам online. А, на 30ти ноември организираме за прв пат во Битола X – FIT CHALLENGE– кросфит натпревар за кој ќе имате и подетални информации.
Зошто покрај Солун, Скопје и Загреб одлучивте пак да се вратите назад во Битола?
Сакам да живеам во Битола и сметам дека нема поубаво чувство кога сте успешни и правите нешто за градот од каде доаѓате. За мене нема поубаво место за живеење од Битола, тука сум дома, буквално. Не само поради градот, туку и поради луѓето кои ги запознав преку мојата работа. Формирав и заедница од луѓето кои ги тренирам, станаа најважен дел од мојот живот и не би заминала за ништо на светот.
Дали секој може да ве контактира за фитнес тренер или за нутриционистички совети и помош?
За сите кои се од Битола и им е потребен персонален тренер или сакаат да се вклучат во групните кросфит тренинзи – може да ме контактираат на мојот инстаграм или facebook профил. Работам и online исто како тренер и нутриционист, изработувам персонализирани планови за исхрана и тренинг, а сум достапна и за совети и консултации.