Пецо Димитровски на прекар Зимбило, инаку, наречен “Пит Американо“, едноставно во натамошниот текст Пит, беше значајна битолска личност во музичкиот летопис.

Во средината на 1920-тите Пит се враќа од Америка за да го ислужи воениот рок. Но Пит наместо некава голема заштеда на долари, носи голем куфер, кој кога го отвори, блесна бела хармоника, на која го пишуваше неговото име Петар. Таа хармоника во рацете на Пецо во годините што доаѓаат ги придоби битолчани за евергрин музика и репертоар што дојде преку, океанот.

Имено, Пецо донесе повеќе песни од кои музичката јавност ја прифати “Тажниот валс на туберкулозниот“. Реткиот баритон бас на Пецо го забележува српската власт и на маса го истура предлогот: “Момче, сакаш ли да служиш војска во Битола, или подалеку. Ако се одлучиш за Битола, ќе треба да станеш член на пејачкото друштво Кајмакчалан“.

Пецо им рече дека ќе размисли и утре ќе каже. По консултацијата со домашните, ја прифати понудата и службуваше „како медицинско лице“, односно и како пејач во хорот, и често добиваше дозвола за движење низ градот.

Заслугата на Пецо-Пит Американо е во фактот дека тој, мојот стрико, е првата македонска естрадна звезда. Се чека секоја недела или празник. особено во летниот период, да се соберат младите битолчани, во мешан состав, браќа и сестри, брачеди на празниот простор зад нашата куќа на улица Кланичка 36.

Привлечноста на вокалот и хармониката на Пецо се повеќе се шири низ битолските муабети и на т.н.матинеа имаше повеќе млади луѓе. Но, претходно доаѓаше помала група, прскаше вода и метеше така што во сенката на дрвјата на вдовицата Таана, даваше пријатен амбиент за сите учесници на ваквите музикарии, заседнати на столици наредени покрај ѕидот. Несомнено, овие ритуали длабоко останаа во сеќавањето на тие генерации луѓе.

Така, во воениот санитет Пецо ја запозна својата идна сопруга. модистрата Маријанти, која живееше наспроти касарната. Логично својата љубов ја реализира во брак.

Но, Маријанти наскоро заболува од туберкулоза, слично како во песната што Пецо ја донесе од Америка, раѓа чупе кое, по нејзината смрт, ќе почине. Пецо ја остава хармониката, се повлекува со својата болна интима. Битола жали што го губи од естрадата, хорот и другарските седенки.

ВАЛС НА ТУБЕРКУЛОЗНИОТ

Еден млад осамен шеташе,
На гората тивко о зборуваше:
Како сон ми мина младоста,
Како сон ми мина љубовта.

Капете, о лисја, капете
Шумолете со својот нежен глас
Како сон ми мина младоста,
Како сон ми мина љубовта

Умирам смртта си чувствувам
душата веке ја испуштам.
Како сон ми мина младоста.
Како сон ми мина љубовта.

Ангели веќе затрубија,
Небесни порти отворија.
Како сон ми мина младоста,
Како сон ми ми на љубовта.

Д.Д.Такец Перформансите на Широк Сокак

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here