Со четири пласмани на подиумот се вратија атлетичарите на АК Олимп од вчерашната трка „Че Трчаме“ во Прилеп. Битолскиот клуб, кој обединува атлетичари од цела Македонија, имаше свои претставници меѓу најдобрите во машка и во женска конкуренција на дистанците од 5 и 10 километри.

Григоријан Никовски го освои првото место на трката на 5 километри со време од 15 минути и 28 секунди. На истата дистанца, во женска конкуренција, Ирма Хајдари заврши на второто место со резултат од 19 минути и 28 секунди.

На трката на 10 километри, Димитар Илиев беше второпласиран со време од 32 минути и 28 секунди. Второто место во женска конкуренција го освои Адријана Поп Арсова Рашиќ, која ја заврши патеката за 37 минути и 16 секунди.

Со победа на пократката патека и пласмани на второто место во уште три трки, членовите на Олимп го заокружија настапот во Прилеп со резултати за гордост на клубот.


