Накусо со носителот на кандидатската советничка листа на „Поинаку“, Габриела Илиевска, која во изминатиот период беше трн во окото и на власта и на опозицијата, а едновремено битолчани ја прифатија како последна надеж дека нештата може да се свртат поинаку.

„Поинаку“ – последната шанса за Битола. Зошто?

Заради суровата реалност во која живееме. Еднаш и порачавме на Шеќеринска дека Битола е веќе умрена, а така е: Заради загадениот воздух и нарушеното здравје, заради изгубените животи на стотици битолчани; Така е заради очајната состојба на нашиот комунален стандард – распадната инфраструктура, сообраќаен хаос, станавме град-депонија, а и во селата, за жал, не е подобро; Заради тоа што младите имаат перспектива само со партиска книшка; Заради апатијата и сивилото која секој ден се сè поголеми; Заради радоста која испари од животот на битолчани. Во „Поинаку“ се обединија луѓе кои сепак мислат дека работите може да се поправат ако се работи искрено, чесно, ако се слуша гласот на народот, ако се елиминираат партиските и бизнис-партиските интереси.

Можно ли е така да се работи? Во изминатите триесет години политичкиот живот покажа поинаква пракса. Досега се изнагледавме еден куп празни ветувања, лаги, фрлени лопати, покриени базени и луѓе кои ги нема ниту да прошетаат низ Широк Сокак. Сега партиите нудат некои нови лица.

Во вашето прашање сè е кажано, нема битолчанец кој не го знае одговорот. Сепак, ќе кажам само дека – да, може да се работи поинаку, да се сменат нештата, ама прво треба човек да си ја сака Битола, да си го сака народот со кој дели и добро и лошо, да биде честит, со образ и да работи отчетно. За понудите на овие избори од страна на партиите кои досега биле на власт во одредени периоди, не сакам да коментирам. Тоа ќе го кажат избирачите, многу брзо.

Очекувате ли фер избори?

Ако се погледне од формален аспект, тогаш да, денот на изборите во Битола ќе биде мирен, а гласањето ќе помине во „фер и демократска атмосфера“. Страшното е тоа што ние живееме со корупцијата секој ден и уште полошо – се навикнавме на неа! Не може да стане збор за фер избори кога граѓаните, не само на денот на избори, туку постојано се корумпираат, им се ветува сè и сешто, некои се надеваат на работно место, други пак се плашат да не го изгубат, се арџат народни пари за да се корумпира истиот тој народ.

Вашата визија за Битола во наредниот период?

Една поинаква Битола. Чиста, со средена инфраструктура, посетена од туристи, едно подобро место за живеење. Она што го слушам од кандидатите како ветување е далеку од реалност. Проектите кои ги нудат бараат буџет кој нема никој да го има. Зато очекувам исполнување на нашите проекти, бидејќи само тие се реални, лесно остварливи и приоритетни за битолчани. Мојата визија е да успееме да ги реализираме проектите кои произлегуваат од битолчани.

Дали вреди да се гине за градот и за овој народ? Дали вреди сето ова што го губиме на приватен план, ги губиме мирот и раетот?

Во политиката не влегов со калкулација што ќе добијам, а што ќе изгубам. Борбена сум по природа, неправди не трпам. Чувствувам дека мојот ангажман во јавниот живот е некаков мој долг и кон мене лично и кон семејството, пријателите, познаниците и пред се`, кон генерациите кои доаѓаат после нас. Нашава генерација наследи колку-толку сигурност и мирен живот, без толку напнатост и стресови, имавме солиден образовен и здравствен систем. Место да го надградуваме сето тоа, нашето општество нуркајќи кон „светлата иднина’, многу работи уништи. Мора да се вложиме сите во проектот наречен Битола, заради сите нас.

Очекувам да добиеме голема поддршка од граѓаните. Верувам дека помина времето на партиите. Знам дека многумина ќе заокружат бр 65 на избирачкото ливче.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here