ЗНАЧЕЊЕТО НА ЕДЕН ПОДАРОК: СКРОМНО ИЛИ МНОГУ?
Живееме во свет во кој добронамерните гестови на помош и поддршка ги прифаќаме со рутинска благодарност. Но, има и такви кои знаат вистински да се израдуваат на подарокот, дури и тогаш кога не е наменет за нив лично.
Доказ за ова е Др. Шели Леви Друмер, Израелка чие срце и душа е во родната Македонија и Битола. Таа не само што се радува за нас при секој повод, туку и самата нѐ преставува да работи на промоцијата на саканата Битола во Израел и ширум светот. Еве ја приказната која го докажува тоа:
Вчера, 28 Октомври 2020, пред битолскиот „Дом за народно здравје“ или како сега се вика ЈЗУ „Др. Хаим Абраванел“ се направи официјално предавање на 2 дефибрилатори, подарок од Израел за оваа наша драгоцена здравствена установа.
Заслужни за оваа донација се амбасадорот на Израел Дан Оријан кој ја обезбеди донацијата, проектот Хоуп Македонија кој даде техничка поддршка и нашето Министерство за здравство кое тесно соработува со Израел за обезбедување на секаков вид на помош и соработка.
Настанот беше пригодно обележан, како што тоа одговара во овие корона услови. Директорката на здравствената организација, Др. Весна Спиркоска се обрати на медиумите и користејќи го поводот им заблагодари на сите донатори кои ја поддржале нејзината самопрегорна работа за модернизација во последниве години. На крајот, таа ги пренесе специјалните поздрави од Шели Леви Друмер, внука на повоениот доајен на битолското здравство, Др.Хаим Абраванел, чие име денес го носи установата.
Личната радост и благословот на Шели дадоа нова човечка димензија на овој подарок со кој уште утре амбулантните возила на Итната помош ќе спасуваат животи.
Колку оваа нејзина порака е веродостојна и несебична откриваме дури тогаш кога ќе дознаеме што правеше Др. Шели Леви Друмер во моментот додека ние во Битола ја примавме помошта.
Сликата ни покажува како подготвува емисија за една израелска телевизија каде што ја раскажува приказната за Евреите од Македонија низ својата семејната приказна. А во оваа приказна, Битола некогаш, но и Битола денес добиваат почесно место.
Подарок од Шели за Бабам Битола, скромен или многу голем?
Текст: Марија Герас Дочовска