За еден град да почни да живее мораме да го ослободиме неговото срце: Широк Сокак да биди ШИРОК. Ш И Р О К со повеќе место за граѓаните кои ќе се движат по него, да има место некогаш да помине и Пајтон како што тоа го правеше познатиот битолски пајтонџија Манди .
Изгледот на Широк Сокак во 2022-ра треба да биде во ретро стил, како од времињата кога пред 100 години се изградени овие неокласични велелепни градби, со нормални тенди за сонце како што се во другите европски градови кои се грижат за стилот и изгледот на нивното славно минато. Дискретно да блесни со светлосна илуминација на неговите фасади, рекламите и излозите да си бидат по пропис како што треба, со културен и нормален автентичен изглед кој за жал еден до два го имаат потиснати од новите модерни времиња.
Да има повеќе простор за пешаците, кафе баровите да отстапат место и во соработка со архитектите и тие да заличат на нешто светско, а не како што се денес и го нагРдуваат изгледот на најубавата улица на светот. Полека да се доближуваме до автентичниот изглед на еден град кој беше вистински поим за архитектура и велеград уште пред 100 години…
Во 2022 Битола ја замислувам слободна. Време е да го ослободиме центарот на градот од возила, да му ја дадеме слободата на граѓаните кои ќе се движат пеш или со велосипед. На пример пешачка да биде улицата св. Кирил и Методиј која се протега од Т-мобиле кај Широк Сокак до Библиотека. Истата треба да изгледа навистина конзулски бидејќи на неа се наоѓаат неколку познати некогашни конзулати: Францускиот, Романскиот, Грчкиот, Српскиот, Англискиот. Улицата треба да биде постелена со калдрма, со освежени, реставрирани и реновирани објекти, со светлосна илуминација и канделабри кои ќе ја вратат романтиката и конзулското време уште од пред сто години и ќе биде значајно за нас и странските туристи кои го посетуваат нашата лична и убава Битола , славна и конзулска.
Во 2022 г. уличката Рузвелтова кај Пионерски ја замислувам да заличи на улица каква шо треба да го краси центарот на градот на Конзулите. Тука покрај самата калдрма и фенери би забранил да се паркираат возила и комплетно да биде пешачка зона, може и со точак. Би поставил една макета или ако се најде од некаде ретро автомобил пример од 30-тите. Прошетката тука да биде како непрочитана романса назад низ времето. Тие неколку фасади би ги поддотерале онака стилски и со боја и со осветлување, некогашното Еврејско женско училиште, сегашен Пионерски Дом би му наложил на Еврејската заедница во Скопје да направат нешто од него. Дали некаков музеј, галерија или нека го издаваат на некого. Веќе 20 години е заборавен скроз и во темница под сенка. Откаршија Работничкиот универзитет, некогашно католичко училиште на Лазаристите би го суредил и осветлил да се гледа од цела Битола. Тука има можност и нормално еден пајтон чат пат ќе помини и замини.
Убавината на Битола во 2022 треба заедно да ја откриваме од самиот центар, каде што се наоѓа нејзиното срце. Да го разиграме и се шириме наоколу дел по дел. Кај градскиот часовник би поставиле една клупа на која како пр. бронзена фигура би бил познатиот Ајри Демировски. Зошто да не би седеле во негово друштво на место каде тој има посадено дрво, каде звуците и мелодијата на неговата песна Битола мој роден крај ни ги милуваат ушите на секој час. Би додал само уште неколку композиции кои се негова творба да ја разбијат монотонијата и да не потсетат на него.
Чикмаците околу св. Димитрија повеќето сѐ од калрдма. И тие треба да бидат пешачка зона, движење на возило само за тукашните жители и паркирање на нивните возила исклучително во нивните дворови. Куќата на фамилијата Зису, некогашен Висаж треба да се суреди и да не биди како погодена со граната од Првата светска војна. Ете земаат уба кирија од другиот објект на Широк Сокак, или нека ја суредат или нека ја изнајмат. Убава е за ретро хотелче со мал паб. Од другата страна таа распадната куќа на сопствениците од с. Цапари време е да заличи како шо треба или нека ја продадат за нормална сума бидејќи веќе станува ризична.
Од другата страна вртиме накај Безистенот. Без неговата убавина го немаме тој престиж и таа историја со која се гордееме уште како град кога во него се продаваја најскапоцените работи на Балканот. Со мала помош и од Општината и од дуќанџиите би се потсредила неговата внатрешност нацртана да личи на Капали Чаршија. А тука до него покрај река Драгор и откаршија, па и подолу или погоре ете Ви ја најпознатата битолска Дембел Чаршија.
Веднаш ја затвораме улицата на таксистите од Сато до Борово, се реди коцка и крај. Само за пешаци, точак или пајтон. Е тука од двете страни ќе се ужива максимално со табла, со бира, со наргиле и друштво под сенките на големите стогодишни дрва. За јадење и пиење тука е најубата скара од Рудо Јагне. Можи и импровизирана дрвена платформа долж цел Драгор, како на теферич. Да не гали Пелистерскиот поветарец. Мостот ќе се направи и сообраќајот ќе си кружи околу Безистенот. Ако има повеќе пешачки и велосипедски зони, самите граѓани помалку ќе се одлучуваат и за возило.
Сакам мојата Битола во 2022 година да го врати стариот шмек на наконтена конзулска дама, да биди наружана со сите нишани за никој да не може да му најде мана.
Сакам мојата Битола во 2022 година да биде беспрекорно чиста и шаренобојна, миризлива и цветна, како рубата златна од чејзот шо ја носиш поклон од твоите родители, стари битолчани.
Сакам мојата Битола во 2022 да биди со нови и чисти улици како младо либе гинимаалско, со коси напунџени и неизмрсени, да не опива со мискојна како нов француски парфем.
Драга моја Битола, моја стара дамо, време е во 2022 баш ти да почнеш да блескаш и да се контиш.Да ми живејш.