Секое населено место во светот има свој или свои симболи. Тоа, ретко тие, ги кондезирале и ги предале своите најбитни и највпечатливи специфики и преку нив се паметат, се препознаваат и живеат низ времињата и просторот. Тое е причина да се избираат и за белези на грбовите. Симболот може да биде објект или објекти, но и личност. Тогаш во него се вградени и многу елементи на тотемот. Симболот, по правило, е траен, но се случува да го истисне друг, доколку тој ги прифати новите промени на животот и доколку подобро визуелно ги изразил основните специфики на минатото и на неговите жители. Во еден подолг период месноста Довлеџик во Битола била симбол на овој град. Ако битолчани се љубители на развлеченија и ако градот во одредени пригоди одиграл значајна улога во историјата на својот народ, тогаш Довлеџик токму тоа и го изразил. Денес, за жал, неговото значење избришано е во општата меморија и тој е само една мала, несредена, начичкана сателитска населба каде што дивоградбата е основен белег. Освен еден мал простор каде што е смежстен напуштениот Авто-камп, друго ништо не потсетува на она што некогаш бил.

Оформување

За оформувањето и за физионимирањето на Довлеџик како едно на најпопуларните излетнички места на градот клучни се два фундамента: една респектабилна влијателна личност и економско-социјалниот подем на градот .

. Довлеџик е физиономиран во првите децении на XVI век, а XVI век и за градот и за Турската империја значат силен економски подем. Освојувачките походи скоро наполно се завршени и границите на Империјата оформени. Се создава држава што се простира на три континенти, во која капиталот пулсира и патува слободно. Луѓето полека ги откриваат и му се свртуваат на животот и на неговите радости и задоволства. Во ова време се подигаат и капиталните објекти од исламската култура. Во Битола, во која турското население станува домицилно со неколкуте генерации што се родиле и умреле во него, се подигнати објектите што се стигнати и до нас, но и оние што ги избриша времето, какви што беа: џамии, караван-сараи, анови, амами, имарети и др. Слој од богати трговци и занаетчии, месни кадии и бегови во близината на градот, покрај реката Драгор на нејзиниот западен дел подигаат, како што свидетелствува Евлија Челеби, 70–80 куќарки како излетнички објекти наменети за летните месеци. Наскоро во нивната близина ќе се оформи и излетничкото место Довлеџик, кое заедно со уште едно друго, на јужниот дел од градот, Тумбе Кафе, станува најпосетено и најпознато. Меѓутоа, сепак откривањето на местото, поттикнувањето на граѓаните за нејзино оформување и популаризирање му припаѓа на една многу почитувана личност од овој период, на месниот поет Лали, кој наскоро ќе ја напушти Битола и ќе стане султански, дивански поет. Двигател е на сè што е значајно за градот, негови се акростиховите од неколкуте џамии од овој период. Сето тоа покажува дека уживал голем углед и дека имал влијание врз месните прилики. Ќе да е роден во крајот на XV век и тој е, ако не прв, тогаш секако меѓу првите 20-тина турски поети што излегле од Битола и најпознатиот во првиот период. Комплетирал три збирки поезија, кои, за жал, не се објавени. Пред конечно да ја напушти Битола, најверојатно во третата деценија на XVI, зашто во 1522 год. го втиснува акростихот на џамијата на Махмуд бег, им го остава на своите битолчани Довлеџик како свое посебно дело. Бил моторната сила во посочувањето на местото, правењето на скиците за изгледот, но и во општата градска акција.

Стационар за војска

Битола била значаен и многу познат воен центар и континуиран стационар на бројна војска. Близината до вечно немирната и бунтовна Албанија и добрите комуникации й овозможиле да го привлече вниманието на воените стратези да се определат и да ја форсираат на воен план. Тоа, пак, нејзе и овозможи да го гради економскиот подем во XIX век. Многу занаети од Битолската чаршија работеле за потребите на војската, како што и многу лиферанти на прехрамбени и други производи го граделе своето богатство, повторно, благодарејќи й на војската. Вообичаено било 6-7.000 војска постојано да е стационирана во приградските региони. Кузман Шапкарев, кој повеќепати престојувал во Битола, вака ја опишува сликата на битолската војска по Кримската војна: „Никогаш не бев гледал и досега не сум видел помногубројна војска собрана на едно место (освоен 1878 год. руската во Едрене), отколку во тогашната во Битола, во кој град, како меркез (седиште, резиденција) на Румелиската турска ордија, се беше слила. До подигањето на Црвената (1837) и Белата (1844) касарна во Битола во кои можело да се сместат дури и 8.000 војници, стационарот за оваа многубројна војска бил на различни места во околината на Битола. Првиот бил кај Стрелиштето. Оттаму започнал и нападот за турското освојување на Битола. Заради погодностите уште долго ова место ќе остане со таа иста намена, да биде организирано собиралиште на војската. Кога бројот на стационираната војска се зголемувал, тогаш, се разбира, се барале алтернативни решенија. Пред конечното повлекување на војската во касарните, едно такво било и Довлеџик. Погодностите што ги нудел Довлеџик биле: близина со градот, добрата патна комуникација, изобилство вода и условите за вежбовни активности. Во 1836 год. на Довлеџик биле стационирани 5-6.000 војници од редовната војска. Биле сместени во шатори од бело платно со сини и црвени линии. Пушките им биле наредени пред шаторите во вид пирамиди, со украсени со опашки од коњи. Тоа била прекрасна глетка за минувачите од патот Битола-Охрид. Понастрана од патот, под големите крошни од дрвјата се наоѓал главниот штаб. Војската, во која поголемиот дел биле Албанци, кои имаа своја посебна униформа и се разликyвале од другите војници, немаа чорапи и гамаши, времето го врвела вежбајќи ги воените вештини. Се напреварувале качување по дрвјата и сите „играа како деца“, вели еден патеписец. Бидејќи Довлеџик станал државен имот, трошоците за неговото одржување и чување паѓале на терет на битолската турска власт. Во 1800 год. чуварот имал плата од 25 гроша додека во 1801 год. таа се дуплирала и изнесуваше 50 гроша.

Деградации на Довлеџик

Ретките воденици што се наоѓале овде-онде низ Довлеџик во најраниот период и кои не го попречувале општиот ритам на живеењето, само ја дополнувале идиличната слика на ова место. Но тие, заради водата започнале да никнат една по друга почесто и да претставуваат грда слика и нарушување на интимитетот. Тие, истовремено дадоа и знак
дека просторот може да се освојува и првичниот идеал на Лали за „мало кралство“ полека да се руши. Сепак, војската е онаа што ќе го направи најлошото, ќе се стационира тука, ќе ги уништи прекрасните објекти за живеење и одмор, ќе донесе метеж, пукот, викот и сè она што е специфично за една војска. Ако се придодаде дека таа била и масовна и дека загадувала многу, тогаш
сосема е јасно зошто љубовните двојки и славеите исчезнале. Потем дојде и масакрот чии траги, особено гробовите, долго време биле видливи. Никој повеќе не сакал да доаѓа овде на излет. Кон тоа на почетокот на Довлеџик, некаде над излетничкото место Пред Ановите (денес Нискоградба), било подигнато теќе во кое се сместиле дервиши од еден посебен муслимански ред. Околу теќето биле подигнати и гробишта кои со текот на времето се ширеле на широкиот празен простор. Нешто подолу, во близината на малата џамија Хасан Баба, исто така, во крајот на XIX век биле подигнати други муслимански гробишта. На крајот, во Довлеџик ќе се подигнат уште едни гробишта, христијанските. Тука започнале да ги закопуваат своите покојници доселениците во Битола од потпелистерските села, тука првин подигнале капелa, а потоа и црквата Св. Архангел Гаврил. Во нив подоцна (меѓу двете светски
војни и по ослободувањето) жандармите и припадниците на ОЗНА ги закопувале во заеднички гробнци егзекутираните на Бимбил Камен. Покрај тоа, во помошните простории на капелата нашле засолниште битолските просјаци. Меѓу другите тука се сместил и Ташку
Павлов со својот ученик Кочо Михајлов Најче, последниот битолски гуслар, кому по Првата светска војна му ја предавал својата гусларска ука.

Меѓутоа, и покрај сето тоа, старите спомени и предности на „малото кралство“ упорно живееле во Битола и имало поединци кои се осмелувале до Првата балканска војна и понатака да ги организираат своите развлеченија со песни, со печени јагниња и со чочеци. Почнувале по стариот обичај, во претпладневните часови, а останувале распојасани некаде до пред зајдисонце. На заминување, според едно сеќавање, како крај и збогување, музиката го свирела „Арапскиот марш“. Еден од последните музичари кои се сеќавал на тие развлеченија пред Првата
балканска војна бил кеманџијата Даме Трајчевски (1888–1942).

проф. Александар Стерјовски Битола низ вековите 4