Дали некогаш сте пробале домашни кори? Домашните тестенини немаат никаква врска со тестенините што ги купувате од пазарот, неспоредливи се во вкус и текстура.

Што можете да направите со домашните кори? Можете да ги користите наместо сите други тестенини, да ги сварите и да ги комбинирате со сирење, можете прво да ги сварите па да ги потпечете во комбинација со јајца и сирење, да направите лазања, млечник и други различни вкусни јадења.

Подготовка на домашни кори

Состојки:

    30 јајца
    3, 5 кг брашно
    300 мл млеко
    грст сол
    200 мл масло

Подготовка:

    Измешајте ги јајцата, млекото и солта со жица 5 минути.
    Во поголем сад ставете 3 кг брашно и постепено додавајте ја смесата во јајцата. Доколку е потребно, додадете повеќе брашно за да добиете средно меко тесто.
    За полесно да се работи тестото, се дели на 2 дела. Добро измесете го и оставете да отстои половина час. Покријте го со најлон за да не се исуши.
    Потоа, земете дел од тестото, обликувајте го во форма на леб и  исечете го на парчиња со дебелина од 3-4 сантиметри. Исплескајте го меѓу дланките и испрпелкајте го во брашно.
    Поминете го секое парче низ машината за да добиете ленти што е можно тенки, со соодветна промена на броевите на машината. Повторете ако е потребно за да ја добиете потребната дебелина.
    Секоја кора редете ја на жиците од сушарна за алишта, а одоздола поставете голем чаршав зашто корите се сушат и почнуваат да паѓаат. Оставете ги преку ноќ.

    Соберете ги корите наредниот ден во голем чаршав и така отворени оставете ги да се досушат на собна температура неколку дена. Од време на време промешувајте и кршете ги. Соберете ги во соодветни кеси после неколку дена. Јас ги чувам во чист чаршав поставен во картонска кутија.


www.macedoniancuisine.com