Еден од најуникатните предмети кои ги поседува битолскиот Архив е камерата на првите сниматели во Македонија и пионерите на балканската кинематографија, т.н „камера 300“ на браќата Манаки. Камерата е фасцинантен предмет од историско-културолошки, но и од технолошки аспект. Во архивот пристигнала во 1965 г., непосредно по смртта на Милтон, заедно со преостанатата фотографска опрема, стаклените негативи, позитиви и другата оставина. Камерата била куриозитет уште пред смртта на

Милтон и била изложувана на разни народни собири како невообичаен и интересен артефакт. Извесен период (по 1980 г.) била изложена во изложбениот простор на новата зграда на Историскиот архив – Битола. Последните 20-ина години камерата може да се види најчесто во фоајето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, каде што главната награда и статуетка го носат името и обликот на камерата, или на некои од тематските изложби организирани од Архивот за ликот и делото на браќата Манаки. Најчесто камерата го „поминува“ своето време во архивското депо заклучена во метален орман.„Мајсторите“ кои работеле со камерата биле родени во влашкото село Авдела, во границите на географска Македонија, денешна Грција. Јанаки, постариот брат,

бил тој што прв почнал да го изучува фотографскиот занает и го отворил своето прво студио за фотографија во Јанина. Милтон ги следел стапките на својот брат и поради зголемениот обем на работа, како и интересот за фотографијата, своето време најчесто го поминувал како помошник во ателјето. Во 1905 г., по низа настани, браќата биле принудени да го затворат јанинското студио, па решиле својата среќа да ја пробаат во Битола, значаен економско-културен центар на Балканот во тоа време. Околу овој период, само 10-ина години по презентацијата на првите „слики во движење“ од страна на браќата Лумиер, Јанаки ќе се запознае со ова ново откритие, камерата.

За точната година на набавувањето на камерата има неколку теории, но со сигурност може да се каже дека била набавена во периодот од 1905 до 1907 г.

Камерата ја набавил Јанаки. За местото од каде што е набавена камерата исто така постои двоумење, односно прашањето е дали камерата е набавена во Лондон каде што се наоѓало седиштето и работилницата на Charles Urban Trading Company или пак е набавена во претставничкиот дуќан во Париз (каде што се знае дека Јанаки престојувал во тој период). Престојот и патот на Јанаки за Лондон е посведочен со две фотографии од фондот 580 „Браќа Манаки“, и тоа стаклената плоча со број 1934 во чиј опис стои „Јанаки Манаки на бродот како повраќа – оди од Париз за Лондон да го купи киноапаратот“ и плочата со број 5868 со оригинален опис „Јанаки Манаки во Париз“. Веднаш е очигледно дека Милтон во 1961 г. знаел да ги побрка работите и да даде не секогаш прецизни податоци, впрочем јасно е дека Јанаки патувал за Лондон да купи филмска камера, а не киноапарат, дејност со која нема да се занимаваат уште најмалку 15 години. На фотографијата 5868 пак јасно се гледа дека не се работи за француски град, туку за англиска метропола, односно жив плоштад исполнет со луѓе, голема театарска зграда и разни други комерцијални објекти чии реклами се наоѓаат испишани насекаде по зградите. Зградата на која е испишан натписот THE LIARS, CHARLES WYNDHAM CRITERION THEATRE лесно се пронаоѓа бидејќи театарот сѐ уште постои на познатиот плоштад Пикадили (Piccadilly Circus) на улицата Пикадили. Самиот факт што адресата врежана на металната плочка на предниот дел на камерата e 48 Rupert Street Piccadilly, а оваа адреса се наоѓа на околу 200 метри од каде што е направена фотографијата, станува извесно дека Јанаки ја посетил продавницата на Чарлс Урбан при неговиот престој во Лондон, односно можно е оваа фотографија да е направена непосредно по или пред купувањето на камерата.

Сепак, треба да се земе предвид и можноста дека камерата била набавена во претставништвото на Чарлс Урбан во Париз каде што Јанаки престојувал неколку пати.

За техничките особености на камерата:

„Камерата 300“, како што е позната, претставува 35-милиметарска камера од серијата „Биоскоп“ (односно тристотиот модел од оваа серија) произведена од компанијата „Чарлс Урбан трејдинг компани“ (Charles Urban Trading Co.) со седиште во Лондон. За историско-културолошкото значење на снимките на браќата Манаки е пишувано многу и нивните филмови се обработувани од најразлични аспекти од домашни, но и балкански и светски истражувачи. Несомнено е дека браќата се сметаат за основоположници на филмската уметност во Македонија и на Балканот воопшто. Материјалот на филмска лента во должина од преку 1400 метри со околу 42 наслови најпрво бил примен од Архивот на Македонија во 1955 г., за подоцна поради немање соодветни услови да биде предаден на новоотворената единствено стручна институција соодветна за заштита и чување на ваков тип на материјали – Кинотека на Македонија.

Телото на камерата е изработено од дрво (махагон) во вид на кутија со димензии 31*14*30 см и тежина околу 2,5 кг. Камерата (имајќи ја предвид нејзината старост и состојбата на преостанатата фото- и киноопрема во фондот) е многу добро сочувана. По целата површина се забележливи разни траги на користење. Повеќето делови од камерата се зачувани и оригинални. На горната страна од камерата има кожена масивна рачка која се користела за разнесување на камерата. На десниот агол горе, во правецот на снимање, се наоѓа либела за прецизно поставување на камерата во сите правци. На левата страна од камерата се наоѓа визир за добивање претстава за сцената која се снима. Визирот, односно камерата се мести со гледање низ окулар поставен на задната страна. Левата страница се отвора и дозволува пристап до
внатрешниот дел каде што се монтира 35-милиметарскиот филм.

Внатрешноста на камерата е целосно премачкана со црн премаз. Во овој дел се сместени две дрвени кутии за филм, и тоа горната каде што се чувал неосветлениот филм (фидер/feeder) и долната која била вадена и ставана (се забележуваат повеќе оштетувања) каде што се собирал снимениот филм. Како компатибилна со камерата, освен овие две, во фондот се јавува уште една кутија од овој тип. На горната кутија веднаш е забележливо лого, т.е. монограм во форма на затворач во форма на диск (rotary disc shutter) со отвор од 180 степени (каков што користи и камерата „биоскоп 300“) изведен во форма на буквите А и Д (AD). Истото лого е врежано и под кутијата за филм на страницата што средишно ја дели камерата. Ова е логото на Алфред Дарлинг, мајсторот кој ја изработил камерата. Дарлинг е претставник на т.н. Брајтонска филмска школа, друштво на пионери во филмската индустрија составена од филмаџии, инженери и бизнисмени лоцирани во Брајтон (Brighton), приморско гратче на 76 километри јужно од Лондон. Од 1899 г. е вработен како инженер во фабриката на Урбан, а од околу 1900 г. почнува да работи на 35- милиметарската биоскоп-серија.

Својот„потпис“ во вид на лого монограм го ставил и во внатрешноста на челната страна,
додека пак целосно се потпишал длабоко во внатрешноста на десната страна во правецот на снимање (A.DARLING MAKER BRIGHTON ENGLAND).

На задната страна од камерата се наоѓаат два прицврстувачи на кутиите за филм. На задната страна се наоѓаат и два окулари. Едниот метален се повлекува лево, се поставува во линија со стаклениот нишан на левата страна од камерата и двата служат за центрирање на сцената. Другиот кој служел за фокусирање е во форма на метален цилиндар, се отвора, извлекува и гледа директно на филмот. На задната страна постоел и клуч за вртење на металните затворачи на камерата, кој за жал е изгубен.

На десната страна на камерата во правецот на снимање се монтира рачка со чие вртење во правецот на стрелките на часовникот работи камерата. Рачката е посебен елемент со должина од околу 9 см со дрвен дел на едната страна и завртка која влегува во камерата во другата. Во упатството за користење на камерата се препорачува брзина на вртење на рачката од два круга во секунда што одговара на филм со 16 слики во секунда, минималниот број кој е потребен за филмот да доловува природно движење.

Над рачката се наоѓа индикатор за количество на преостанат филм во камерата (изразен во стапки). Овој е еден од ретките делови на камерата кој не е функционален. Десната страна се отвора со еден затворач (другиот е откршен) за да се пристапи кон делот со 5 запченици, кои ја движат камерата.

Запчениците се подмачкани со масло и работат добро. Сите подвижни механички делови се добро зачувани и функционални.

На челната страна на камерата (која исто така се отвора) е залепена налепница со логото на браќата Манаки. Средишно се наоѓа објективот како и еден отвор (затворен додека работи камерата) низ кој се проверувало количеството на светлина што го добива филмот.

Објективот се чини дека претрпел најмногу оштетувања. Произведен е од компанијата „Карл Цајз“, со Ф број 6,3, од серијата Тесар со фиксно фокусно растојание од 75 мм (3 инчи). Објективот дозволувал експозиција од 1/35 до 1/1500 делови од секунда.. Се чини дека ирисовата дијафрагма е неподвижна поради оштетување. На предната страна исто така се наоѓа и метална плочка со генералии за продуктот и производителот, каде што серискиот број 300 на камерата е врежан механички. На плочата се наоѓаат адресите на продавниците на Чарлс Урбан во Лондон и Париз.

Со отворање на предната страна се пристапува до предниот дел од камерата, односно до механизмот што ги поврзува левата и десната страна. Во горниот десен дел повторно го гледаме монограмот на Дарлинг. Ротирачкиот затворач на камерата е метален во форма на полукруг (180°) со дијаметар од 10,7 см. Сите делови се подвижни и функционални.

Долната страна која се прицврстувала врз триножник претрпела модификации најверојатно направени поради оштетувања на оригиналната основа. Под оригиналната основа е прикована дрвена плоча. Навртката е компатибилна со двата триножници кои ги поседува фондот, а таа е разлабавена. Траги од користење на триножникот се забележуваат и на оригиналната и на секундарната основа.

Во сеќавањата на Зега тој зборува за „два сандака полни со материјали, филмови, хемикалии и др.“, кои му биле дадени на Јанаки како награда за добро изведената работа при снимањето на свеченостите околу одбележувањето на Француската револуција на 14 јули во Париз.

Во фондот 580 се сочувани и 6 филмски кутии од компанијата „Пате“ на браќата Пате, 4 со дијаметар од 11,5 см и 2 со дијаметар од 21 см, останува прашањето дали овие материјали се подарокот од таа пратка или друга набавка.

Наследството на браќата денес:
Значењето на она што го снимиле браќата Манаки тешко може да се сублимира во неколку редови. Нивната сензибилност за историјата и перцепцијата за значењето на актуелните настани во историски контекст, во нивниот стил на снимање ќе вметнат еден еклектизам кој го сублимирал европскиот технички прогрес и корените и традицијата на почвата од каде што доаѓале. Нивната баба Деспа со вртењето на нејзиниот родан не случајно е избрана како „актерка“ во првиот филмски кадар.

Првиот статичен кадар на навидум едноставната домашна работа на жените од семејството Манаки ќе влезе во аналите на историјата на кинематографијата или т.н. живи слики во тоа време. Свеста за историската важност на она што се документира преку филмските снимки се чини дека кај браќата била на највисоко ниво. Нивната камера секогаш била присутна на најзначајните настани во Битола, нејзината околија, а и пошироко, снимале кралеви, високи достоинственици, владетели, но и селани, работници, обичаи, веселби… Кинотеката и Игор Старделов во рамките на низа проекти направија заштита, истражувања, дигитализација и достојна промоција на филмското наследство кое продолжува да се истражува, споделува и да предизвикува чудење и воодушевување сѐ до ден денес.

Архивот како домаќин на најголемиот дел од Манакиевата оставина презеде
одговорност да ја чува и да ја негува во соодветни услови, но и да ја истражува, споделува и, можеби најбитно, да ја презентира пред јавноста. На 17.11.2022 г. на седница на Националниот совет за заштита на културното наследство, фондот 580 „Браќа Манаки“ – Битола 1853 – 1964“ беше прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Министерството за култура и државата се обврзаа фондот да го заштитат на национално ниво, а Архивот пак да го води и поттикнува тој процес. Спомен-собата која му беше ветена на Милтон додека тој сѐ уште беше жив, само делумно беше изведена во период од 20-ина години со основни средства и едноставна презентација. Заложбите на архивскиот тим од Одделението Битола веќе ги даваат првичните резултати, но спомен-собата/ музеј е сѐ уште во фокусот како нереализирана цел уште од преземањето на материјалите во 1964 г. Богатата фото- и киноопрема, личните предмети, документацијата, фотографиите и секако „камерата 300“ како централен мотив на оваа целина секогаш предизвикуваат воодушевување кога се презентираат кај архивските гости. Местото на овој материјал не е во депо. Камера на почетокот на 20 век е реткост, камера од серијата „Биоскоп“ е исклучително уникатен предмет, камерата „биоскоп 300“ на браќата Манаки е единствена во светот. Овој артефакт заслужува да биде достапен за јавноста, а неговото место е онаму каде што Милтон сметал дека е најсоодветно.

извор Македонски архивист