Меѓу бројните приказни што ги крие Широк Сокак, посебно место зазема животот на Димитар Талев Ѓорѓиевски – Димче Американчето, човек чија визија, претприемачки дух и љубов кон Битола оставиле трајна трага во историјата на градот.

На само 18 години заминал во Соединетите Американски Држави, каде десет години работел на изградба на железничката инфраструктура. По враќањето во Битола во 1927 година, со чесно заработените пари купил неколку куќи на Широк Сокак и ја отворил прочуената кафеана „Македонија“, која станала едно од најпознатите градски собиралишта.
Интересна е и неговата љубовна приказна. Идната сопруга Тодорка ја забележал случајно – во одразот од берберското огледало. Набргу ја побарал за жена, а нивната свадба се одржала во тогашниот хотел „Централ“, на местото каде денес се наоѓа хотелот „Епинал“.

Димче бил и првиот сопственик на автомобил „Ситроен“ во Битола, а неговата кафеана била препознатлива по домашното вино, ракијата и угледните гости што ја посетувале.
По Втората светска војна, неговиот имот бил национализиран, а семејството, иако броело единаесет члена, било принудено да живее во само две простории од сопствената куќа.

Оваа, како и уште 20 автентични приказни за луѓето, куќите и историјата на Широк Сокак, се дел од книгата „Приказните од Широк Сокак 2“.
Книгата може да се набави во книжарницата Books House, на улица „Кирил и Методиј“, до некогашната Општина Битола, денешен Бар Општина.
