Кој спорт прв ви паѓа на памет кога ќе се спомене Битола?
Ракомет, нормално.
Не постои човек во градот, кој барем еднаш не бил на ракометен натпревар.
И сигурно вредело, зошто едно време тука можеле да се гледаат најдобрите европски ракометни екипи. Пепи Манасков, Драган Маринковиќ, Боро Чурлевски, Александар Зарков, Иван Марковски, Кире Лазаров….но, текстот што следува нема да биде за ракометот.
Ќе биде за еден друг спорт, кој до осамостојувањето на Македонија, бил далеку потрофеен од ракометот, фудбалот и кошарката во Битола.
За еден клуб кој е формиран во 1960 година.
Клуб кој ја прослави атлетиката. Неговото име при формирањето било „Олимпија“, а последните дваесеттина години се вика Атлетски Клуб „Олимп“.
Овој битолски клуб може да се пофали со веројатно најдобрата македонска атлетичарка на сите времиња – Вера Вељановска, како што ја опишува познатиот спортски новинар Зоран Михајлов, во својата книга „Спортски стории“. Југословенска и балканска рекордерка и шампионка на 60, 100 и 200 метри. Прогласувана два пати за спортистка на Македонија, носител на „4 Ноемвриска“ награда и уште стотина други признанија. Името на Стевче Ѓеоргиевски, се поврзува со титулите југословенски првак во крос, балкански младински првак во крос во Крајова, балкански младински вицешампион на 1.500 метри и шампион на 5.000 метри во 1980 на Балканијадата во Солун. Демир Даутовски, е уште едена ѕвезда во низата. Тој како јуниор, поставил нов македонски рекорд на 3.000 метри, претходно несоборен цели 12 години. Прогласен е за спортист на Битола во 1976 година. И не било само трчањето. Кочо Дамјановски – атлетичар на тогашната „Олимпија“, бил своевремено младински републички првак во фрлање диск.
Сите овие спортисти ги постигнале ѕвездените успеси благодарение и на тренерот Илија Чукалковски, тогашен професор по физичко воспитување во Средното земјоделски училиште „Борис Кидрич“ во Битола. После неговото пензионирање, тренерската палка во клубот ја превзема поранешниот атлетичар Демир Даутовски, кој тренирајќи со Тања Вељановска успева да запише нов македонски рекорд во маратон, во 2011 година, поставен во Подгорица, Ц. Гора. Атлетиката не ја милувале новите времиња. Беспарица, непостоењето на соодветна сала за тренинг, професионална атлетска патека, па и негрижа од институциите се само дел од проблемите со кои се соочи „Олимп“. Но, клубот опстанал, а Демир успеа да открие уште еден бисер со кого посветено работи. Тоа е Кристијан Стојани, кој со својата упорност и резултати успеа да ја врати надежта дека атлетиката во Битола има иднина.Ова е текст за сите херои кои го создале, развиле, донеле до висините и одржале овој клуб, славејќи ја кралицата на спортовите.Јас не сум професионален атлетичар.
Но, ја сакам атлетиката.
Аматерски трчам и уживам во тоа.
Го сакам спортот, воопшто, а посебно битолскиот.
Така, се роди и идејата за првата градска трка во Битола „Трчај Бе“.
И после она што и се случи на Битола на 15 Септември, 2019, се договоривме со тренерот Демир Даутовски да застанеме зад АК „Олимп“ и да ја вратиме Битола повторно на врвот како град на атлетиката.Дали ќе е лесно?
Воопшто не.
Дали ќе биде предизвик?
Огромен.
Дали веруваме дека ќе успееме?
И тоа како.
А сите вие, кои во ова препознавате успех, вклучете се и бидете дел од новата историја.
Отворени сме за сугестии и љубопитни сме за Вашите предлози. Можеби ќе понудите и конкретна поддршка за овој клуб. Ако имате некои текстови за клубот, стари фотографии или приказни кои сакате да ни ги раскажете, ова е нашата мејл адреса – [email protected]
Ве очекуваме. Со надеж дека заедно ќе испишеме нова спортска приказна за Битола.
Никола Димитровски АК „Олимп“