Пајтонот е луксузна отворена, со настрешница, коњска кола за превоз на патници. Пајтоните се појавиле на почетокот на 19 век и биле влечени од еден или два коња. Типично за пајтоните се 4 големи тркала и сразмерно мало тело што го прави брз, но нестабилен и опасен. Пајтоните служеле за превоз на патници и багаж, но некои од нив биле специјализирани за превоз на пошта. Денес пајтоните се користат како туристичка атракција и за забава. Во знак на екстравагантност понекогаш матурантите ги користат за да стигнат на матурската вечер или младоженците за на свадба. (1)

Валијатскиот Абдул Керим Паша беше многу скромен и штедлив. Како валија имаше пајтон со еден коњ, додека беше обичај валијата да има повеќе пајтони и пет-шест коњи. Затоа Турците го викаа потсмешливо „Ѓупски валија“. Честопати ми зборуваше дека државните пари ги штеди исто како и своите.“- раскажување на др. Христиди.

Фамилијата Зега на почетокот од 20-ти век била поим за аристократија во Битола: Се живеело убаво и богато, а брачната двојка знаела секоја година со три пајтони (едниот за нив, другиот за послугата, а третиот за раскошните фустани и одела) да одат во Солун.

Посебност на свадбите на богатата битолска фамилија Давкови било тоа што за свадбените пригоди се изнајмувале сите битолски пајтони и свадбарската поворка го обиколувала цел град.

Да се престојува во Битола, а да не се посети Тумбе Кафе било исто како и да не се види и почувствува конзулството, боемштината, граѓанштината на Бабам Битола. Таа традиција ја негувале многу генерации. Се искачувале на Тумбе Кафе со пајтони во друштво на свои најблиски. Оделе на “тефериџ”, на излет во природа. Да се видат со пријатели, но и да бидат видени. Со нови фустани, шапки, бастуни. Со убави моми, стројни домаќинки.

Секоја калдрма го памети тропотот на потковиците од пајтоните , секоја калдрма ги памети невестите како ги ќитеа и како со пајтони нив ги возеја … Тука на неа, својата младост ќе ја запишам за на старост таа да ме потсеќа …

Последниот битолски пајтонџија е Манди Робев, последниот од стотина пајтонџии, колку некогаш ги имало во Битола. Пајтонџилакот го превзедол од неговиот постар брат Танас Робев во 1927 г.кога низ битолските улици и пошироко се движеа точно 46 пајтони, меѓу кои најпознати биле Пецо Арапо, браќата Таќи Гого и Томе, Кицо Арнаутино, Јонче Улето, Томе Сунѓеро, Амди Талкџија и др.Меѓу двете светски војни пајтонот бил главно превозно средство во Битола.

Последниот општински пајтон згасна во раните 60ти,а приватниот на Манди касните 70ти кој стално беше паркиран покрај Драгорот кај Безистенот…

Пајтони. Убаво е Бабам Битола да има барем два до три службени пајтони, со кој ќе се возат странските туристи, а и воедно ќе се чаламат битолските кабадаи заедно со нивните чалгии низ битолските улици. Ќе се користат и за свадбени обичаи и разни свечености. Време е заедно со вас на битолските улици да го вратиме Пајтоните и да ги продолжиме приказните, а тоа е дел од нашиот Меморандум.

(1)Википедија