Во Подрачното одделение во Битола на Државниот архив на Република Македонија се наоѓаат два мошне интересни документа од 1944 год. од дејноста на Народниот комитет на ВМРО во Битола. Едниот е озаглавен како „Наредба“ бр. 10, вториот е писмо упатено лично до Начо Сотировски, адвокат од Битола. Обата се потпишани од претседателот на Комитетот, чиј потпис е нечиток.

Во „Наредбата“ дадено е и образложение за одлуката за смртната казна, наведени се и имињата на осудените. Тоа се познати граѓани (двајца интелектуалци и 4 занаетчии), сите, според неа, со небугарско национално потекло („непроисход“), Власи, Грци или србофили, односно „бугаромрсци“, комунисти или комунистички симпатизери и поддржувачи нивни, а со тоа, ја заслужиле најтешката казна.


Одлуката ја донел лично претседателот на месниот комитет на ВМРО, но бил консултиран и Иван Михајлов, кој го дал одобрението. Замена на смртната казна можела да биде сума од 100.000 лева, уплатена во касата на организацијата.

Доколку уплата немало да се случи во одреден рок, стои понатаму, се активирал јавниот обвинител и брзиот суд и казната ќе се извршела во најкус можен рок. Како егзекутор можел биде секој член на организацијата, но предност им се давал на илинденците.

Наредбата е со датум 15 август 1944 год. и е машинопис, додека личната доставка е од 1 август истата година. Смртни казни не биле извршени, зашто осудените лица и по 1944 год. уште долго биле живи. Дали биле платени бараните суми, не успеавме да дознаеме. Не успеавме да дознаеме и дали зад уцената стоела навистина тогашната организација на ВМРО и Ванчо Михајлов, или некаква криминална група или поединец. Како, пак, наведените лица и нивните семејства од списокот ја доживеале заканата, може само да претпоставиме.

Извадок од Калеидоскоп на проф. Александар Стерјовски