Битолските спортисти од Спортско качувачкиот клуб “Вертикал” смислија оригинален апел, за да побараат помош во решавањето на големиот проблем со кој се соочуваат повеќе време наназад.
Како што информираат, апелот е насочен кон сите приватни и државни институции, кои би можеле да им помогнат да излезат на крај со лошата состојба во која се наоѓа нивната тренинг сала.
Имено, се работи за едно многу интересно и би рекле, позитивно видео, каде покрај проблемот – постојаното пробивање на вода низ покривот од салата, предизвикана од дождови и снег, потоа премногу малиот простор за соодветен тренинг, немањето греење и слично, претставено е нивното задоволство и радост, но и макотрпна работа до успехот со кој многу често се украсуваат (пехари, медалји, признанија и разни награди).
Овие наши ентузијасти, секојдневно тренираат по повеќе од 3 часа и до сега многу пати биле победници не само на државните, туку и на Балканските купови, а често се учесници и на европски и светски првенства. Тие се’ уште се актуелни државни шампиони и во машка и во женска категорија, а годинава ја направија горда Битола со нивната победа во Болдер категорија на Балканскиот “Меморијал Борис Трајковски”, кој се одржа во март, во Босна и Херцеговина. Меѓу другото, неколку членови на клубот “Вертикал” се и професионални инструктори по Спортско качување, со лиценца од меѓународен карактер.
Она што е особено интересно и нашата јавност треба да го знае, е тоа дека овој особено популарен спорт – качување на Болдер и вештачки ѕид, влезе во категоријата на Олимписки спортови и на Олимпијадата во 2020 година, нашите спортисти ќе треба да ја претстават нашата земја. Затоа, доколку сакаме нивниот квалитет да биде забележан, оценет и признат, односно доколку сакаме да имаме квалитетен спорт, тогаш да најдеме соодветен начин да им помогнеме.
Погледнете го видеото