На вчерашниот 23 април, светот го славеше Шекспировиот ден. Дата која историчарите тврдат дека е негов роденден, иако нема пишувани документи, но замислете дека истата дата е и ден на неговата смрт во 1616.

За два дена е 27 април, а на таа дата во 1952 година во Битола е роден нашиот Шекспир….Горан Стефановски. Битолчанецот, чија пепел по смртта е растурена над Охридското Езеро.

Некои луѓе имат само дата на раѓање, а ние како битолчани, овој човек треба посебно да го славиме.

„Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас“…е една од неговите запишани мисли која кажува сѐ.

Роден е во Битола, на улицата Београдска бр.5 во куќата на семејството Зиса, која ја делеле родителите на Горан, со познатото актерско битолско семејство Чоревски. Браќата Благој и Борис Чоревски се сеќаваат дека тие живееле на долниот кат, а Стефановски живееле на горниот кат. Биле многу блиски, па поканата да ја дела куќата била идеја на Трајко и Ратка Чоревски.

Во Народниот театар во Битола, Горан ги направил, првите детски чекори во периодот кога татко му, Мирко Стефановски беше и актер и директор. А неговата мајка Нада, била актерка. Замислете го тоа мало љубопитно дете низ стариот театар во Битола, несвесно дека во една блиска иднина, дури 9 негови претстави ќе бидат поставени во овој театарски храм, ќе доживуваат бројни изведби пред преполно гледалише, ќе добиваат награди на фестивали и ќе го слават неговото име.

Неговата последна средба пред смртта, а со асоцијациите на Битола и детството. беа во Лондон, кога нашиот битолски театар го играше Шекспир во славниот Глоуб театар. Горан, со група од битолските актери, после претставата во еден лондонски паб покрај Темза, се сеќаваше на Битола и на своето детство.

За два денови е неговиот роденден, ден кога Битола треба да каже збор, два за овој неверојатен човек.

Игор Божиновски