Битолскиот Архив со успешна мисија за пронаоѓање и превземање на архивскиот материјал од Радио Битола кој од 1950 г. се наоѓаше во заклучени визбени простории

Битолските Индијана Џонси после неколку години конечно започнаа потрага по скриеното богатство кое се наоѓа низ напуштените објекти кои некогаш беа од големо значење за Битола.

„Тоа денес што беше откриено е вистинско богатство за сите нас и нашиот град Битола“…ни беше посочено од нив.

Имено согласно програмата за мапирање на објекти и поранешни институции во Битола и во Општините каде што има надлежност, Државниот Архив – Одделение Битола, денес изврши преземање на архивски материјал од непроценливо значење кој се наоѓаше во гаражите во кругот на поранешното седиште на Радио Битола.

Ова е второ преземање на архивски материјал од Радио Битола во период од неколку години, а значењето на материјалот е од огромно значење за историскиот развој на градот. Материјалот е претежно во пишувана форма и меѓу другото ги содржи емисиите кои биле емитувани од самите почетоци на радиото во 1950 година, па се до неговото постоење.

Материјалот е во несредена состојба и истиот ќе биде внесен во програма за средување и обработка со цел што поскоро да стане достапен за истражувачите. Емисиите како што се Хроники од Пелагонија, Во светот на бајките, Спортските вести, Поздрави и честитки и слично, како и останат архивски материјал од денес ќе бидат во нивниот нов дом, Битолскиот Архив.

Чувството да се открие овај архивски материјал и истиот да се прегледува и складира во нашите простории е буквално како некое епохално откритие кое ете нас не очекуваше повеќе од 70 години. Задоволни сме што некој и се погрижи сето ова да е направено и архивирано, а нас тоа и ни е работа да го пронајдеме, и ако е заборавено истото да го заштитиме и прибериме во нашата институција… ни изјавија од битолското одделение на Државниот Архив.

Радио Битола е најстарото македонско радио од регионален карактер формирано на 27 март 1950 година, а во него работеле истакнати новинари како што се Менде Петковски, Ацо Станковиќ, Петар Ставрев, Димче Миновски и многу други, а свој ангажман своевремено имале и Виолета Томовска и Ајри Демировски. Изразуваат голема благодарност и до Општина Битола за соработката, а тие ќе останат и понатаму посветени за грижата за историското наследство.

Браво за Гоце, Димитар, Нуртен, Марија, Катерина, Дуле, Светлана, Мери, Маца, Аце, Ивана, Христина и Џабир.