Битолските средношколци од СОУ ЃОРГИ НАУМОВ Битола, Димитар Велјановски и Филип Џајков заедно со нивниот ментор – Јани Сервини и нивниот “Унапреден Училишен Систем“ учествуваа на CodeCup 2020 кој беше прогласен за победнички проект за 2020 година.
Натпреварот се одржа пред неколку дена, на 30-ти мај 2020 год. (сабота) во организација на ФИКТ, додека презентациите се одвиваа на далечина (online) преку ZOOM платформата.
Проектот овозможува секое училиште или факултет да формира сопствен локален менаџмент систем во чијшто состав ќе влегуваат нивните паралелки (класови), учениците во секоја од нив, како и сите професори кои се таму вработени со предметите кои ги предаваат. Наставниците можат да ги водат отсуствата на учениците, како и да ги оценуваат нивните постигања. Имено, професорите можат да им задаваат домашни задачи на своите ученици, и по нивното прегледување да ставаат соодветни оцени.
Со отворање на Веб апликацијата корисникот има можност да се регистрира со различни можности кои зависат од тоа дали е логиран како “професор“ или како “ученик“ (или студент)“.
Како професор можете да креирате клас, предмет, да оцените ученик, да поставите домашна задача, да заведете оправдано или неоправдано отсуство;
Како “ученик“ (или студент) можете да се логирате во својот клас, во секој предмет кој го изучувате по ваш избор, да ги видите вашите оценки и да ја предадете домашната задача кога ќе ја имате сработено.
Андроид апликацијата претставува посебна верзија на веб-апликацијата којашто е прилагодена за мобилни телефони, а при тоа ја следи истата дизајнерска идеа.
Проектот “Унапреден Училишен Систем“ е мулти-платформска софтверска апликација која комбинира три различни концепти: Web Development базиран на JavaScript, Android Studio и REST service. Базата на податоци е направена со помош на PHPMyAdmin со примена на MySQL сервер за нејзино хостирање.
Честитки!