Битолските горештини не се од вчера: Записи за жешки лета уште од 19 век

од July 15, 2026 0 коментари

Деновиве Битола повторно се соочува со високи температури и долготраен припек, но старите записи покажуваат дека ваквите временски крајности не се новост за градот и Пелагонија.

Во книгата „Злосреќи“ од Александар Стерјовски се пренесени повеќе сведоштва за битолската клима низ историјата. Уште во 1865 година, патописецот Хенри Тозер запишал дека температурата во лето се искачувала над 30 степени под сенка, додека во 1880 година католичкиот свештеник Абе Амар сведочел дека температурата од 30 степени, по неговото пристигнување, се искачила на дури 40 степени.

Во запис од 1923 година се опишува неколкумесечна суша и силен припек, поради кои земјата се испукала, а земјоделците не можеле да ја обработуваат пченката. Министерството за земјоделие и води тогаш препорачало во сите богомолници во градот да се одржат молебени и литии за дожд. Облаци се појавиле, но жештината продолжила.

И 1934 година останала запаметена како една од најсушните и најкатастрофалните години во Европа и светот. Сушата ги намалила приносите, ги зголемила цените на житото и предизвикала страв од глад.

Овие историски сведоштва потсетуваат дека Битола отсекогаш била изложена на нагли температурни промени, суши и силни летни горештини. Сепак, денешните жешки денови повторно го отвораат прашањето: дали некогаш било вака жешко – или само секое лето ни изгледа потешко од претходното?

📖 Извадок и податоци од книгата „Злосреќи“ – Александар Стерјовски.

Babam Bitola

Comments are closed.