Безистенот прв битолски „банкарски трезор“ изввадок од книгата Калеидоскоп на Александар Стерјовски
Со својата грамадност, цврстина и функционалност, Безистенот отсекогаш бил градежен белег и неповторлив украс, каков ретко кој град на Балканот имал. Бил подигнат од Даут паша, заедно со дуќани и градски чешми, во крајот на 15 и почетокот на 16 век. Со сигурност се знае дека во 1508 год. бил важен дел од чаршискиот амбиент. Бројот шест од почетокот на Даут пашините чешми, подоцна ќе да бил поголем, зашто во 1650 год. било ангажирано и посебно лице за нивно одржување.
Во 1674 год. Даут пашиниот вакаф се уште постоел и со берат од Мехмед IV хан за мутевелија бил поставен Али Ибрахим.“ Даут паша имал и друг вакаф, во Ускудар, каде тамошната џамија се издржувала со средства црпени од киријата од дуќаните од Безистенот, од чиј остаток се одржувал и тој.“!
Безистенов многу рано беше се стекнал со хуџет, монополско право за продажба текстилни производи, загарантирано и од највисоко место. За негово нарушување имало и интервенции и казни. Такви се случиле во 1662 год., наскоро и една друга,“ па и во 1729 год.“ Реакциите од засегнатите трговци надвор од Безистенот, давале некогаш и резултати за времено или за трајно укинување.“
Заради градбата и постојаната стража што ја поседувал, Безистенот рано станал депозитар. Се знаат и имиња на доверители, не ретко и вложените средства, како и имиња на тие што се обидувале, некогаш и успевале, да ги ограбат.
Во првите децении од 17 век, по смртта на Хусеин, продавач во Безистенот, по потекло од Лариса, негови пријатели побарале од судот посмртната оставнина, додека не дојдат негови наследници, да се чува во него.“ Во средината на 17 век депозит оставил и Мехмед ага, кој се состоел од 8 ќесиња или 4.000 акчиња и уште една ќеса од 2000 акчиња. Неколку години подоцна друг граѓанин трезонирал 2.900 акчиња, Кадрие, ќерка на Мехмет Беше, жителка на Битола, доверила 90 гроша.
Тоа биле не мали суми, но понекогаш се трезонирале и цели богатства. Во 1622 год. доверени биле 80.600 акчиња. Собирачот на данокот за овци Мехмед ага во 1646 год. го доставил и сиот данок што го прибрал, односно 120.000 акчиња. Ваква доверба покажана била и во 1653 год. и во 1694 год. од 446 гроша, па и во 1776 год. од 222.900 акчиња итн.
Тоа, пак, станало основа Безистенот да се преобрази во магично привлечен објект за грабежи.
Во 1646 год. го нападнале и го ограбиле група разбојници од Слепче, Могила и уште од неколку други села. Се повела акција да се откријат и да се фатат и во тоа имало успех. Во тој грабеж настрадал и депонираниот данок од Мехмед ага.
Битолскиот безистен е една од најстарите градби од Отоманската Империја. Со бројните куполи наликува на тврдина, со трите внатрешни улички и со четирите големи метални порти тој е еден од најголемите покриени пазари во регионот.
Од XIX век во него имало вкупно 84 дуќани.
Денес повеќето од нив се современо опремени и се продаваат најразлични стоки. Сепак и покрај сите внатрешни трансформации надворешниот изглед на Безистенот останал речиси непроменет
Познатата Капали Чаршија во Истанбул потсетува на нашиот битолски Безистен, но нажалост не можиме да го споредуваме со нејзината убавина која ќе Ви ја доловиме со оваа галерија :
Колку за фантазија, да си замислите можеби еден ден… како Капали Чаршија нашиот Безистен.