Битолска староградска куќа
14.01.2020 • XVI – XIX век
Период: втора половина на XIX век и прва половина на XX век
Локација: Градско подрачје – Битола
Фотографии: Филип Конески
Битола на преминот од XIX и почетокот на XX век, претставува конзулски град и средиште на истоимениот вилает. Во периодот пред поделбата на Македонија (1912-13), тој е втор град по значајност, веднаш по Солун.
Во тоa време не само Битола, туку целата Отоманска империја е во процес на европеизација, со што на големо се отвора вратата на нео стиловите кои во локалниот контекст и традиции формираат сопствени особености.
Согласно економската моќ на граѓаните, она што го гледаме во Битола, како сведок на времето за кое говориме и позицијата на Македонија во пошироки рамки, претставува локална форма на палата. Таа не може да се споредува во габаритот и квадратурата со она што значи во Империјална Европа, но концептот на битолската куќа е вид на симбиоза на споменатото со отмените вили. Некои од нив интегрирале и општествени функции.
Битола во моментов има најголеми и најбројни амбиентални целини од овој период и заслужува многу посериозно внимание од страна на локалната и државната власт. Градот треба да го брендира ова наследство и сериозно да се ангажира во заштита на се што е останато од него. Истото треба да се реализира преку соодветни архитектонско – конзераторски проекти воиграни со нов урбанистички концепт за развојот на градот, во кој ќе се постави оска за нов развој на Битола и заштитни појаси поврзани меѓу себе со иновативни сообраќајни решенија и режими на движење.
За разлика од Скопје, каде она малкуто што преживеаа од предземјотресниот град, соствениците го продадоа за некој стан плус ( под покровителство на рутинските урбанистички планови), во Битола сеуште има сериозни обиди кај сопствениците за сочувување на фамилијарните куќи и староградските традиции. Но, доколку во скоро време не се пристапи кон планско документирање и државна интервенција, повеќето од куќите ќе бидат осудени на пропаѓање а сопствениците осудени да живеат во споменици во распаѓање.
Шетајќи низ улиците на градот ( Битола е многу повеќе од Широк Сокак) ќе ги забележите сите стилски влијанија врз еклектиката, од класицизмот, барокот, ренесансата, готиката, романиката…
Негде во напредна форма, негде во благ транзициски чекор врз традиционалната македонска градска куќа (сегментарна појава на декоративни надпрозорници, рамки и сл.) . Различните манири и архитектонски вариетети на овој град сеуште му даваат шарм поради реалната физичка присутност наместо фотографската меморија и носталгични спомени.
Конзулска Битола, сеуште можете да ја видите, да ја почуствувате. Наследството не е само фасадата, тоа е една целокупна композиција, урбанситичка а потоа и архитектонска, повеќе индицидуални или повеќесемејни објекти, во оригиналната конструкција, со добар дел сочуван ентериер, мебел, столарија.
Ентериер на „Guest house Chola“ 1903 година
Приемен салон на „Guest house Chola“ 1903 година
За жал, голем дел од објектите веќе влегуваат во фаза на распаѓање и видливо исчезнување, со делумно адаптирани простории со променета надворешна столарија. Но постојат и примери во кој се чувствува ентузијазмот да се сочува и адаптира просторот, да се сочува врската со оригиналноста.
Битола заслужува внимание, но пред се освестување кај сопствените жители, кои ќе можат да ја подигнат оваа иницијатива за вредноста на сочуваната традиција.
Замислете како би било денес да зборуваме за Фиренца, Рим или било кој друг туристички центар, единствено преку цртежи и фотографии?! Да не дозволиме оваа присутност да исчезне пред нашите очи, како што тоа се случува во Скопје!
Автор на статија Филип Конески
Извор МАРХ