НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола активно учествуваше на дводневната обука „Инклузија – предизвик или мотиватор во библиотечната дејност“, која се одржа на 2 и 3 април во хотел „Оаза“ во Штип, во организација на НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип.


На обуката присуствуваа директори, библиотекари и едукатори од повеќе градови, со заедничка цел унапредување на знаењата и вештините за работа со лица со попреченост и градење поинклузивни институции.

Посебен придонес дадоа предавањата на проф. д-р Томислав Таневски, кој ја доближи улогата на музикотерапијата во библиотечната дејност, како и проф. д-р Ана Чучкова, која преку своето долгогодишно искуство помогна во подлабоко разбирање на концептот на инклузија.
Во рамките на вториот ден беа реализирани и интерактивни работилници, каде учесниците дискутираа, разменуваа искуства и предлагаа нови активности насочени кон подобрување на пристапноста и вклученоста во библиотеките.

Организаторите добија пофалби за успешната реализација на обуката, која претставува значаен чекор кон создавање поинклузивна и похумана библиотечна заедница.
