Благодарност до Благој Багата за сторијава и за песната која тој ја пее во дует.
Песнава Бум чики чики била донесена во Битола од Ѓорѓи Ѓорѓиевски – Доле, или попознат како Доле Голмано. Во фудбалски клуб Работник и Македонија.
Ја донел од некое гостување во странство како фудбалски голман, во периодот помеѓу двете светски војни. Доле Голмано е вујко на Благој Бага и песнава е нивна семејна традиција да ја пеат и пренесуваат. Бага е многу умешен и креативен гитарист, учесник во рок движењето на бендовите во Битола, учесник на неброени летни ноќни дружби покрај оган на брегот на Преспа и Охрид. Знајте она… средина оган, околу деца, постари и помлади, гитари, песни, компири и колбаси во жарот под огнот, шишиња со пиво и вино и сок се вртат во кругот од млади….
Љубов на сите страни, искрена, немерлива и неповтрорлива…
Е таа песна стана една од многуте тн. весели песни кои беа обврзни песни на семејните или гостинските дружби, по повод именден, куќна слав, роденден, веридба… Се пееше при крајот на настанот, после 22 ч, после доволен број на малигани, чад од цигарите со анџар да го делкаш, обавезно една често и две гитари се најдуваа во рацете на умешните, мажите ќе се собереа во една од собите и ќе почнеа да пеат. Вакви весели, со слободен текст песни.
Кристал Зајечар
Жените, сопругите ќе се закикотеа и некоја ќе подвикнеше кон мажите: Але не ви е срам вакви песни да пејте? со доза на критика и насмевка.
Куќите во тоа време, 70ти и 80ти, насекаде кристални пепељари, вазни, жардијери, чаши резбани, со и без постоље од Кристал Зајечар, со етикетите на нив, да се чита од каде се и колку олово има во кристало.
Гоблени од сите можни имиња и големини. Рамките тежеа по 3,8 кила комад. Милиња… милеиња… постелени насекаде, снег бели, штиркосани да крцкат, обавезно над телевизоро ЕИ Ниш ќошо од милето да паѓа над екранот, над радиото Руди Чајавец, под секој кристал соодветно големо миле, мислам уште на гоблените шо немаше клаено милеиња.
Во спалните – завесите тул наборани на секои 10 сантими, бели матни, густи, па по некоја вештачка пеперутка закачени со парамана, секоја со големина на ластовица. До креветот на наткасната – гондола со гондолиер, која имаше мала ламбичка демек ноќна ламба, со се гондолиер на неа. Модерно беше Венеција да се оди и без таква гондола немаше враќање назад. А на креветот од оние куклите, женски кукли големи колку двегодиначе, во седечка положба, со раширени рачина, со бордо свила и тул под свилата… и… кога ќе ги легниш – очите ги затвораа. УЖАС, често испуштаа глас што требаше да наликува на говор… и после оти ко деца сме им ги ваделе очите и рацете и ги парчевме нозете им, онака групно деца ќе се соберевме и секој поттикнат од својот страв од ноќните мори како тие кукли оживуваат, не напаѓаат, зборуваат нешто чудно и не носат во нивниот страшен свет, превртувајќи си ги очите…Е некои од тие деца кога пораснаа станаа режисери и сценаристи на баш такви успешни хорор филмови со кукли шо јадат деца.
Пишува: Златко Самарџиев – Кекел