Да започнеме со Битолски зборој. Битолцизми. За денес утрово имаме три зборови кои се користат од жени за жени, описно прикажуваат статус на дадената женска личност, предмет на муабетот, директен или при оговарање.
ПУФЛА, (недајбоже) множина ПУФЛИ
Со Ф не со В. Еве пример при директен муабет „Оди мори пуфло една, ти ќе ми кажваш мене“. Тука пуфла означува … нешто пуфлосано, нечиста, неуредна, жена. Или на пример разговарат две и оговарат некоја, при што Цана му вели на Митра „Але Рајна ја видов чера на пазар“. Митра враќа „Остаја мори Рајна, не гледаш шо пуфла е таја“. Рајна и не мора да е пуфла, ама ако Митра не ја бендисва, ќе кажва дека е пуфла. За помладите девојки означува и разгаленост, зависи од шо фамилија е, ако мајка му е пуфла и за неа ќе велат истото.
Еве плакат – другар ми Бегото во ФХ кафичо ко ќе прајше
МАТУФА, (недајбоже) множина МАТУФИ
Е со матуфа да си немаш работа. Или ќе те намести или ќе те извиси. Трето нема.
Не е злонамерна или злобна, едноставно е матуфа.
Не е со дијагноза од психијатриско оделење, здрава е и физички и психички ама е матуфа.
Опсегот на малку и многу матуфа е различен и по возраст и по потекло. Матуфа тинејџерка е донекаде ОК, но матуфа над 25 г, еееее … тогаш подалеку од Матуфата.
„Не слушна Ленче матуфата шо напрај? Се јави на болница и бараше полиција оти куќата му горела. Глеј матуфа скроз“. Машки род МАТУФ или ДИДА.
ЧАНТА, множина ЧАНТИ
Ова накратко ќе го објаснам, пошто знаеме што е Чанта, женска чанта, како изгледа и што се не собира натре. Е сега. Знајш во филмојте ко ќе дојди кулминација меѓу двајца, и ко ќе нема шо поќе – еднио вади пиштол? Е тој мора да пукни.
Така е со расправија меѓу две женски, ко ќе дојди кулминација – едната вели „Оди мори чанто една.“ Е… после ова доаѓа тепачка, со меѓусебно држење за коси и мавање со чантите.
не ваква, скраја да е!
ЧАНТА е мнооооогу сташна навреда. Врв на навредите. Најпреголема навреда.
Толку од мене за денес.
Златко Кекел Самарџиев во Plagij.at