Битолчанката Сандра Печалева е жената што е чувар на македонското гастрономско наследство. Таа повторно ја открива и ја продолжува традицијата, црпејќи инспирација за нејзините вистински ремек-дела на трпезата, кои претставуваат бескрајно уживање за сите сетила.
Печалева досега нагостила повеќе од 700 туристи во големиот двор во Битола, околу кој се куќите на неколку стари битолски семејства. Таа е жената која не зборува ниту еден странски јазик, иако разбира англиски и го обожува францускиот, но како што вели:
“Кога човек сака луѓе, кога сака да им пренесе нешто, зборовите не се потребни. Со мимика, гестикулација или не знам како, се пренесува тоа што го сакаш. Едноставно, луѓето чувствуваат дека се сакани и добредојдени.”
Пишува- Љубица Ангелкова за Иновативност.мк
Во Битола живеам, но за Сандра и нејзината приказна дознав на една презентација која ја одржа Balkan Prime Tours на конференција во Велес, притоа споменувајќи ја како успешна приказна во нивната мисија дека новите тенденции во туризмот не се само во патувањето, туку во искуството кое ќе го стекнат туристите посетувајќи одредени дестинации. Оваа компанија во 2007 година влезе во регионалниот проект Go Balkans и по извонредните искуства на високо ниво што им ги понуди на повеќе од 30.000 туристи, одлучува да вклучи необични искуства за странските туристи кои одлучуваат да го посетата ридестиот Балкан како што е и она што Сандра Печалева од Битола спонтано започна да го работи.
Македонија е една незаборавна гурманска одисеја за современиот турист, кој е авантуристички настроен сладокусец, подготвен и отворен за нови вкусни искуства. Нашата храна импресионира со богатството од автентични вкусови, пред сè, благодарение на сонцето и на плодната почва. Сепак, потрагата по автентични вкусови продолжува со навраќање кон традицијата, која е непресушна ризница од гастрономски богатства.
Кога започна Вашиот интерес кон готвењето?
Иако од дете пријавував интерес нешто да зготвам како о секое девојче, обидите не ми беа успешни. Се сеќавам дека и кога се омажив често ги барав моите родители на телефон, затоа што реално не знаев воопшто да готвам.
Готвев и грешев, преправав, но никогаш не фрлав храна ако не успеев. Повеќе се трудев да ја поправам отколку да ја подготвам. Оттука мојот нетипичен случај во кој тврдам дека немав талент за готвење, но умеев да иновирам. Сега така гледам на себеси од оваа временска дистанца, тогаш веројатно не бев толку среќна мислејќи дека немам баш некој талент за готвење.
На мојот сегашен сопруг, се сеќавам дека се обидов да му направам пица која изгледаше повеќе како леб, се сеќавам и на првиот домашно направен сладолед кој бил течна млечна крема со ореви.
И колку неверојатно да Ви звучи, јас бев упорна и научив да готвам, но не по стандардни рецепти. Исто така никогаш не сметав дека ова ќе ми биде приход за мене и моето семејство.
По професија сте правник, но денес заработувате од туризам и тоа од некласична форма на услуга?
Уште додека студирав на Правниот факултет, паралелно работев во еден бутик. Можеби правото го научив, но за трговија бев родена. Сопственичката на бутикот ќе речеше во шега и ѓубре да ти оставиме, ќе најдеш начин да го продадеш.
Така се одлучив и сама да отворам бутик кој успешно работеше додека не започна криза и нелојална конкуренција. Бутикот го затворив, но страста кон трговијата не ме напушти.
Како започнавте да угостувате туристи?
Мојата ќерка Ивана пред две години водеше француска група која патуваше по Балканот. Еден ден минуваа низ Битола и таа ми се јави дека сака со нив да помине на кафе. И реков дојдете слободно. Таа ми кажа дека се вкупно 26 луѓе. Се насмеав и и реков дека не ме плаши бројката. Дворот е голем, каде секогаш се соберат бројните роднини и пријатели.
И дојдоа, пешки од Саат кулата попатно ми купија саксија со азалеа која сеуште ја чувам. На крајот на средбата ми одржаа таков пофален говор за гостопримството, што ми потекоа и солзи.
Јас не ги дочекав само со кафе, туку подготвив многу предјадења, некои типични македонски јадења, ликери направени по рецепт на старите битолчани, слатко и торта за крај. Групата наместо да замине за Охрид на закажана вечера остана до доцна во дворот да ужива во храната. Пуштивме музика и игравме….беше прекрасно.
Следниот повик од ќерка ми беше службен. Ми најави група Јапонци и така станав дел од семејството на Balkan prime tours.
Кои се очекувањата на туристите?
Туристите кои ги носи оваа агенција кај мене имаат нова филозофија. Тие бараат нешто поинакво од ресторан. Тие трагаат за искуства, нешто што ќе го запаметат. Размислувавме со семејството да направиме промени во дворот, но ако го промениме ќе ја изгуби автентичноста на секојдневното живеење кое туристите го сакаат. Дрвата наредени за греење за нив се место за фотиграфирање, а во есен правењето зимница е искуство кое сакаат да го испробаат со нас. Мојата бавчичка со зеленчуци е тука пред нив. Разговараме за готвењето, многумина сакаат да готват со мене. Ова е спој на многу нешта. Не е обично доаѓање на гости.
Колку туристи досега сте угостиле?
Над 700 и таа бројка постојано расте. Имам книга со впечатоци во која се запишуваат. И имиња и впечатоци. Пишуваат убави спомени од нашата средба. Јас не ги гледам бројките, ја бројам само радоста која секоја нова средба со тие гости ми ја носи. Тие се сите позитивни, љубезни, културни и жедни за нови искуства. А јас работам нешто што навистина ме прави среќна.
Извор и повеќе ТУКА