Цветанка Шестан, родена битолчанка која долги години живее во Загреб, денес го слави нејзиниот 73 роденден далеку од фамилијата во Битола. Последните родендени ги славела во Битола, но оваа и минатата година заради ковид пандемијата, патувањето кон Македонија за Цветанка е само желба.

Така нејзината внука решила да ја изненади денес со еден прекрасен гест.

„Се разбудив утрово со помислата дека на тетка ми која ја обожавам ѝ е роденден. Размислував како можам да ѝ го разубавам денот кога сум толку далеку. Не знам ни самата како ми дојде идејата. Седнав на компјутер и прелистав дали постојат цвеќарници во Загреб каде можам онлајн да направам нарачка и да платам со картичка. Се изненадив дека ги има неколку. Без двоумење, одбрав еден прекрасен букет со шарени рози и напоменав дека е важно да биде доставен букетот во текот на денот. По еден и половина час, ме побара тетка ми на Вибер со солзи во очите, одвај зборуваше, беше пресреќна кога доставувачот ѝ ѕвонал на вратата со букет рози од Македонија!

Кога сакате некој, и да сте далеку од него, можете да најдете начин за да му го разубавите денот.“ – вели битолчанката Гордана Аџиева – Михајловска, внуката на Цветанка.