Тодорка Ѓоргиевска била една од најубавите битолчанки кои живееле во Битола на почетокот од 20ти век, која на само 16г. одлучила да се омажи за големиот чорбаџија Димко Талев Ѓоргиевски. Тој со златниците спечалени од десетгодипната печалба во Америка купува три куќи на Широк сокак во касните дваесетти. Во една од нив ја имаше и неговата кафеана со име Македонија.
После војната како и другите побогати битолчани и тој бил прогласен за воен богаташ. Се што имале и поседувале им беше национализирано. Куќите заедно со покуќнината станаа дел од југословенски хотели и музеи. Целата фамилија, вкупно 11 души, биле сместени само во две соби иако поседувал дури три негови куќи. Димко никако не можел да се помири со неправдата која му била нанесена во тоа време и западнал во депресија.
Тодорка и Димко со нивните осум деца. Најмалиот насредина е отпосле додаден на фотографијата како монтажа и дело на Милтон Манаки
Поради неговата состојба Тодорка далечната 1951 г. заедно со нејзините осум деца одлучува сама да замине во Белград каде успева да добие прием кај Претседателот на тогашна Југославија, Јосип Броз Тито. Таму таа лично го запознала Маршалот со состојбата во Битола и национализирањето на нивните куќи кои биле стекнати пред војната со златниците од Америка.
За таа состојба Тито наводно немал никакви сознанија дека таа неправда се случувала во Битола и на битолчани. За време на нејзиниот престој тој донесува одлука или декрет сето тоа да му се врати назад на фамилијата на која имотот им припаѓа. Тодорка заедно со неа го носела и нејзиното најмало, осмо дете кое тогаш и го имала родено за кое самиот Тито се понудил да им биде кум и да го крсти детето. За таа великодушна понуда на негово изненадување Тито бил одбиен од Димко кој не можел да дозволи само заради сето тоа што им се имаше случено на фамилијата од тогашната власт.
Голема благодарност до Зора Ѓоргиевска, оваа е само еден дел од приказната за големата фамилија на Димко кој е опеан во народните песни и живеел на Широк сокак и вториот дел од книгата „Приказните од Широк сокак 2“.
Зоран Ѓоргиев