Битолчанката Александра Шијакоска е една од нашите најпознати и најкреативни македонски Инстаграм девојки со над 20.000 следачи. Гледајки ја нејзината харизма, убавина, стил на облекување и љубов кон родниот град со сигурност можеме да речеме дека е оригинална битолчанка. И така решивме да си ја контактираме:
Здраво Александра. Поздрав од Бабам Битола и ако може мало инфо за вас:
Здраво до вас, јас сум Александра Шијакоска, имам 26 години, имам завршено средно Економско училиште и Правен факултет во Битола. Низ целиот тој процес, јас се трудев да се пронајдам себеси. Што сакам да бидам и што сакам да работам. Желбите ми се менуваа постојано, но само во едно бев сигурна – дека што и да правам, ќе го правам во мојата Битола.
Од каде дојде љубовта кон блогерството и презентирање на нови и најмодерните парчиња на Инстаграм?
Пред околу три години, почнав да се занимавам со блогерство, мода и фотографија. На почеток се беше од љубов, и никогаш не очекував да заработувам од тоа, да бидам позната или да бидам нечиј пример.
Штом го завршив факултетот, веднаш почнав да работам, и се што заработував вложував во себе, во облека, обувки, соба-плакар, во контакти… Едно да знаете – сечиј труд се исплати, и доколку се трудите премногу и од срце тој труд нема да остане незабележан.
Колку сте прифатена помеѓу вашите следачи, дали добивате прашања, коментари и сугестии за вашите модни стилови и додатоци?
Јас сум навистина изненадена од тоа колку сум прифатена и поддржана од моите пријатели, Битолчани и цела инстаграм фамилија. Често добивам коментари, најчесто позитивни, има и такви на кои им пречи мојот битолски “нелитературен речник” но – ништо страшно.
Дали сеуште битолчанки се едни од најубавите и најуредените девојки/жени во Македонија?
Во однос на битолчанки – да, се уште се најуредните и најубавите жени според мене, дури и кога имам гости кои не се од Битола, дури и тие го забележуваат тоа, особено во сабота на Широк сокак.
Дали добро се заработува од ова што го правите и дали сте задоволна до сега од вашата популарност?
Секако дека добро се заработува од ова. Јас мислам дека со секоја професија можеш да заработиш доколку сакаш да ја работиш истата.
На почеток мора да се жртвуваш и да работиш “for free”, но никој не почнал од врвот, сите одиме од долу нагоре. Јас сум моментално презадоволна од тоа колку заработувам.
Од каде добивате инспирација за сето ова и дали нашата Битола нуди многу за негување на моден блог?
Инспирација добивам од многу креативни девојки и момци на Инстаграм и Пинтерест, барем денес не е тешко да се инспирираш, интернетот и социјалните мрежи ни пружиле се на дланка, ние само треба да го искористиме истото.
Битола е еден убав град, град со душа, што за жал во последно е заборавен. Јас упорно се трудам да останам тука и да го прикажам градот во најубаво светло, и сто пати да можам да избирам ќе изберам да живеам тука.
Природата е дел од повеќето ваши модни фотографии. Како го пронаоѓате совршеното место и колку таа е дел и од вас?
Мило ми е што забележавте дека природата е дел од моите фотографии. Како што кажав, кога веќе нема што да се слика тука, се трудам убавините на Македонија да ги искористам до максимум, па и од нешто обично да направам да изгледа магично и убаво. Сите места ги замислувам како би изгледале на фотографија
Ти благодариме Александра, ти посакуваме уште повеќе успех и повелете на нејзиниот Инстаграм линк ТУКА