Петчлена алпинистичка екипа од Битола, во организација на Здружението за алпинизам и високогорство „НОРДЕР“, успешно го искачи Матерхорн (4.478 м), еден од најпознатите, но и најопасните алпски врвови во Европа.

Експедицијата се реализираше од 15 до 20 јули, со претходна аклиматизација на врвовите Pollux (4.092 м) и Western Breithorn (4.165 м). И покрај здравствените проблеми на еден од членовите, променливото време, силниот ветер, ниските температури, изложениот терен и опасноста од одрони, битолските алпинисти успеаја без ангажман на планински водич да стигнат до врвот по познатата Hörnli рута.

Најдраматичниот момент се случил на само стотина метри под врвот, кога карпа поминала на само дваесетина сантиметри покрај еден од алпинистите, по предупредувањето „Rock! Rock!“ од планинари кои се спуштале. За среќа, инцидентот завршил без последици.

По речиси седумчасовно искачување, екипата го достигнала врвот непосредно пред 11 часот по локално време. Наместо голема прослава, на 4.478 метри надморска височина тие ја испеале „Ако одам во Битола“, традиција што, како што велат, ја негуваат на речиси секој освоен врв и која им дава дополнителна сила за безбедно враќање.
Во експедицијата учествуваа Михајло Костов, Благојче Караколев, Горан Дамевски, Дарко Митревски и Филип Стојчевски.

Посебен успех претставува и фактот што, според неофицијални информации од искусни македонски алпинисти, 23-годишниот Филип Стојчевски најверојатно е најмладиот Македонец кој го искачил Матерхорн.
Со овој подвиг, битолските алпинисти уште еднаш потврдија дека со сериозна подготовка, тимска работа и голема љубов кон планината, македонските знамиња можат достоинствено да се развеат и на најпредизвикувачките европски врвови.
