Преку конзулатите во Битола најрано навлезе европскиот дух и култура. За тоа зборува и податокот дека по ослободувањето, во 1945 година, во Битола имаше 1200 клавири, т.е. повеќе клавири отколку што имало светилки во 1924. Токму затоа, Битола, покрај „Конзулски град/Град на конзулите“ била именувана и со „Град на клавирите“. Клавирот е поим и симбол на високиот степен на културата не само порано туку и денеска. Кога некои по ослободувањето прашувале со што е значајна Битола, битолчани одговарале: „Со клавири“, на што се потсмевале тие што не можеле да го одгатнат одговорот.
Што значеше клавирот за битолчанецот најдобро има кажано проф. Илија Милчин во разговорот со писателот Цане Андреевски. Во најкритичните години за животна егзистенција во Битола имаше фамилии „кои буквално страдаа за леб, но кога домаќинот ќе излезеше од дома, немајќи друга работа ќе седнеше во едно од кафулињата што беа покрај реката Драгор, на тротоарот, во пролет, лето, рана есен, со сламена жирадо шапка, со вратоврска папијонка, бастунче со сребрена дршка, а при сето тоа одвај ако има пари да испие едно кафе. И седи тука со саати, ама од дома пијаното не го продава.“ (подвлекол В.Д.).
Од ова фрагментарно искажување на Илија Милчин се гледа не само односот на битолчанецот кон клавирот, туку и неговиот достоинствен, горд лик.
Масовно битолчани ги посетуваа кинопретставите. Просто тешко се доаѓаше до билет, па со денови однапред се резервираше, a пред претставата редовно се бараше „билет плус“.
Радија немаше многу во Битола. Поради тоа, кафеанџиите пред своите кафеани на бандерите имаа истакнато звучници за музичките и говорните емисии на радиото да се слушаат подалеку за да се привлечат муштериите. Со почнувањето на Втората светска војна, и нешто пред тоа, во 1938/39 година, се збираа групно луѓе да слушаат вести кај звучниците.
Обично, во слободно време, се седеше пред влезните врати на куќите и се разговараше со соседите, меѓу членовите на фамилијата.
Работни луѓе се битолчани, но работат за да живеат. Шест дена работеа, а седмиот им беше за одмор. Во неделата, по богослужбата, се одеше на излет во некое од излетничките места: „Кисела Вода“, „Тумбе Кафе“, Крстоар, Трново, Магарево, Пелистер, покрај горниот тек на Драгор до Дихово и Ниже Поле и на други места. Битола во недела беше празна. Еднаш до двапати во седмицата со семејството се излегуваше и се јадеше во ресторани. Се посетуваа манастирите во околината на нивните патрони празници.
Помладите во недела одеа на излет и подалеку: на Преспанско Езеро, па дури и до „Свети Наум“ на Охридско Езеро. Се одеше преку планина, преку Галичица, пешки. Се сеќавам, одевме во поголеми групи. Патем наминувавме по бачилата каде што од мандрите бевме послужувани со: виратка, маштеница, кисело млеко и со сирење. Бачовите срдечно не дочекуваа. Навистина тоа беше весело и забавно, па не чувствувавме замор.
Доживувањата од неделниот излет, од дневната работа и од сите настани се прераскажуваа на корзо, кое секогаш беше преполно. „Широк Сокак“ навечер личеше на река од луѓе што се движи во две насоки. Тој што не можеше да се најде преку денот, ќе се најдеше на корзо. Корзото беше можност за секакви средби и договори, среќна завршница на денот и договор за утредента.
По своето богатство, култура и елеганција, по односот на животот, Битола на мојата младост беше европски град, т.е. во Европа.
Извадок од книгата “Битола на мојата младост” на Вангел Деребан