Горан Марковски е наш битолчанец кој од 2008 г. живее и работи во Америка, преселен од населбата Бајро извлечен на лотарија заедно со неговата фамилија. Тој моментално е фамилијарен човек со две деца, но копнежот за Битола и Македонија го тера нешто да создава и така неговото отсуство да го замени со нешто продуктивно за сите. Да остави еден белег во животот кој како брз воз поминува…

Здраво Горан. Од каде дојде идејата за Бардовите на македонското глумиште каде повторно ги оживеавте сите глумци од Македонија кои значајно оставија голем белег после нив?

Поздрав до Вас и до сите читатели на Вашиот прекрасен портал. Почестен сум со интервјуто.
Имено, дел од луѓето ме знаат како долгогодишен админ на официјалната фан страна на едно од најзвучните имиња меѓу актерите, Ѓорѓи Колозов. Страната посветена на овој исклучителен актер брои блиску 200 илјади следбеници. Најмногу поради името на актерот, но и со мојот постојан ангажман достигнавме до оваа неверојатна бројка на следбеници која пак ми овозможи сето она што го знам за актерите на попристапен начин да го пренесам до луѓето.

Секојдневно ми пристигнуваа пораки од луѓе да ми искажат благодарност и восхит за мојот ангажман на страната и работите кои ги откривам за нивните омилени актери, а тие никогаш не ги знаеле.

Една од најдрагите пораки кои сум ги добил од луѓе била: Ако ова не го правиш за плата секоја чест и поклон…

Јас би додал, која пара може да го плати она што го работиш од чиста љубов и излегува од срцето и го храни со најубави чувства истото.

На страната на Колозов се чувствував некако ограничен бидејки освен за негов сакав/објавував и за други актери, не би сакал да бидам не фер кон ово големо име затоа конечно прејдов на “Бардовите на македонското глумиште” поширок поим, моја нова авторска страна каде што ќе имам поголем простор да разработувам теми за сите сите наши врвни актери. Тоа и се случи. Страната неверојатно расти од ден во ден.

Вие сте наш битолчанец кој моментално живее во Америка и копнее по Бардовите од македонското глумиште. Која е вашата животна приказна?
Каде живеевте во Битола и како се најдовге таму каде што сте?

Уште од дедо живеевме во славното Баир маало, над Битола.

Да, веќе цели 17 години живеам во САД. Се сеќавам како вчера да било на тој летен ден, 2008-та кога и кажавме збогум на Битола.

Моите родители играа лотарија која тогаш во тоа време беше мошне популарна меѓу нашите кои бараа подобро утре во светот. За среќа или не, не’ извлекоа на прва. Имав само 14 години. Штотуку завршив основно. Одлука на родителите. За неколку месеци ги спакувавме куферите и отпатувавме.

Во Америка го продолжив средното образование.

Денес имам свое семејство. Професионално работам како лаборант, професија која сосема се разликува од она што ми лежи на душа и го правам во слободно време.

Дали Македонија доволно се грижи за Бардовите на македонското глумиште и зошто ете ние сме еден дел кој како повеќе од надлежните се грижиме тоа да не се заборави.? Таа е нашата судбина се да замине во неповрат?

Сосема сте во право. Тоа е нашата македонска судбина се да замине во неповрат. Македонија никогаш не правела доволно за нив, но ние како поединци докажавме дека го можеме тоа, новото време преку социјалните мрежи и платформи ни овозможи многу во тој поглед. Мојот јутуб канал Goran Markovski еден од ретките кој постои уште од 2009-та година и е активен и ден денес изобилува исклучиво со македонски серии, филмови и приказни (и тоа од оние ретките, подзаборавени).

Деца (сега веќе возрасни луѓе) израснале со содржината на овој канал. Често знаат да ми пишат пофални и срдечни зборови. Тоа ме радува многу!

Не потсетувате на многу значајни глумци кои оставиле голем печат, од каде ги имате сите познавања, од каде црпите информации, дали некој ве контактира да ви се заблагодари, да ви помогне?

Еден наш доста познат филмаџија (сценарист) сега веќе покоен, еднаш ми рече, па ти Горане подобро ги знаеш имињата и биографиите на нашите глумци и од самите режисери (кои истите ги ангажираат за на филм)

Мојата упорност да научам нешто повеќе за нивните животи и кариери направи да исконтактирам со многу наши актери, нивни роднини, секој нивни расказ, приказна, анегдота кои се случувале и зад завесите ги доживував како свето откровение!

Цел живот сум со тоа. Откако знам за себе. Ете толку години и километри ме делат од Македонија, но во душата останало тоа…љубовта кон актерската уметност.

Се’ почна сосема спонтано. Чувствував потреба да им кажам ГОЛЕМО ФАЛА на оние со кои пораснав, а сега со кои полека стареам, па така испаднаа и омажите посветени на бардовите на македонското глумиште кои ги имам изработено веќе над 30, за 30 различни глумци. Секој омаж е посебен. Приказна за себе. Проследен со мелодична музика. Да се долови за секој глумец посебно, секоја негова моќна реплика и сцена во едно 12 минутно видео е клучниот момент за истото да наиде на огромен публицитет, бројни прегледи и позитивни реакции.

Моја втора љубов е монтажата за која нема да бидам лажно скромен, уживам и сум одличен во тоа, и сето тоа во комбинација ми носи големо задоволство кога гледам дека секој омаж прави бум на социјалните мрежи.

Благодарности, убави и срдечни пораки стигнуваат секој ден до мене од актери, нивни потомци (на веќе покојни актери) итн…

Од „повисоките” никој не ме контактирал.

Дали можете да ни ги наброите сите битолски глумци кои беа дел од нашата голема сцена и за жал како да ден денес немаме некоја манифестација да ги споменеме и да се потсетиме на нивната глума?

Моите омажи го прават токму тоа, иако лаечки, не поткрепен од институциите, но со голема љубов оставам печат за нив на најпопуларното место на младите денес, интернетот. Познавачите велат тоа што еднаш е изработено и ставено на интернет останува за вечни времиња…

Нашите најголеми битолски актери, без конкуренција, би почнал со мојот омилен, Јосиф Јосифовски, па Петар Стојковски Бабец, Митко Апостоловски, Петар Мирчевски, Трајко и Борис Чоревски, Методија Марковски, Сребре Ѓаковски, Слободан Степановски, актерската фамилија, Ацо, Димче, Илко и Благоја Стефановски и други ..

Од женските, Јоана Поповска, Соња Ошавкова, Соња Михајлова, Олга Наумовска, Ратка Чоревска, Ратка Радмановиќ и други….

Кои се вашите идни планови понатаму за никогаш да не замрат Бардовите на македонското глумиште?

Немам моќ да направам нешто за нив на поголемо, државно ниво, но со омажите кои ги работам, верувам дека веќе им обезбедив посебно место и вечен незаборав помеѓу помладите генерации… Страната посветена на нив, бардовите продолжува со работа, со ексклузивни и автентични објави како и досега. Па со Господ напред!

Како ви е без Битола и Македонија?

Тешко…како птица без крила.
Македонија е вечна љубов. Секогаш кога и да се вратам во родниот крај…кога и да зачекорам по Широк сокак како да чекорам по врвот на светот, како да сум ги освоил сите битки во светот, чувство кое може да го почувствува само оној кој некогаш му фалела Битола.

Ви благодарам за прекрасното интервју и ви посакувам успешна работа. Како тим, продолжете да бидете прекрасни како и досега.

Бардовите на македонското глумиште