Поранешниот фудбалер на Пелистер и Победа, Никола Марковски веќе неколку години е успешен тренер за млади категории во Австралија. Неговата амбиција веројатно ќе го донесе повторно во Европа, а зошто да не и во Македонија.
Битолчанецот говореше за своите почетоци на тренерската кариера.
„Кариерата како тренер ја започнав крајот на 2014 година, со отворањето на приватна школа исклучително за млади категории до 14-годишна возраст. После неколку месеци од отворањето на школата добив понуда да работам во клуб кој се натпреварува во Премиер Лигата, Динамо Ст. Албанс Саинтс со генерација 2006/07. Со напорна работа оваа генерација во изминатиот успеа да го добие статусот на еден од најдобрите и најуспешни во клубот, а исто така во државата Викторија и регионот на Мелбурн. Со овој тим во изминативе шест години успеавме да освоиме вкупно 11 регионални турнири и две втори места на интернационално ниво. Голема чест ми што во 2019 година станавме шампиони на државата Викторија и освоивме прво место од 45 тимови кои зедоа учество на државно ниво. Моментално како тренер тимот не загубил официјален натпревар во изминатите две сезони, што исто така е успех кој ретко некој досега го постигнал во државата. Сакам да се заблагодарам на мојот клуб Динамо и претседателот Мик Пете, мојот помошник Рик Апостолакис за подршката, помошта и довербата овој период“, вели Марковски за ГОЛ.МК.