Иако нашиот човек, за жал, не го цени и не го чува документот, сепак низ битолските домови често можат да се најдат
-архивски материјали од непроценлива вредност. Деновиве еден таков откривме во домот на семејството на Евгениј и Андон Ристевски, потомци по мајчина линија на прочуеното битолско семејство Цали.
Документот претставува дозвола (берат) за трговија од 1851 година даден на Теодос Цали. Теодос Цали (1818 – 1897) е син на прочуениот битолски трговец Анастас Цали кој, по погромот на Власите од Москополе во почетокот на XIX век, се настанил во Битола. И тој е еден од ретките битолски трговци кои добиле дозвола (берат) за трговија надвор од Османлиската империја. Датира од почетокот на февруари 1829 година. Преведена е и објавена е во публикацијата „Турски документи за македонската иcторија, V, 1827 – 1839“, во издание на Институтот за национална историја од Скопје од 1958 година, стр. 53 – 54. Во неа стои дека имал право да тргува со Европа, Персија и Индија.
Анастас имал три сина: Теодос, Ѓорѓи (кој подоцна станал инспектор на грчките школи) и Јован. Од тројцата само Теодос тргнал по стапките на таткото, прифаќајќи ја трговијата како основно занимање. Живеел во денешната улица Белградска бр. 39. Негови непосредни соседи биле Робевци. Имал две деца: синот Андон и ќерката Домника. Ќерката се омажила во семејството Робевци, за д-р Анѓеле Робев. Теодос, како и таткото, добил дозвола за работа. Денес тој документ се чува во семејството Ристевски. Не е преведен и освен што се знае дека е дозвола за работа, за неговата содржина не можеме детално да говориме. Всушност тоа се два документа напишани со арапско писмо на пергамент.
Помалиот има димензии 75 х 55 см и е напишан со црно мастило. На горниот дел стои султанска тугра, на долниот нечиток потпис. На заднината, со црно мастило, на грчки јазик, е забележано: „Дозвола за работа“. Стои и датумот – 30 април 1851 година. Другиот, поголемиот документ, исто така е напишан со арапско писмо на пергамент. Употребено е наизменично црвено и црно мастило, при што еден ред е со едното, другиот со другото мастило. Има димензии 100 x 50 см. Записот на заднината е на грчки јазик и гласи: „Голем ферман издаден на Теодос А. Цали од Бишола на 30 април 1851 година“. Ја користам приликава да им се заблагодарам на Евгениј и
Антон Ристевски за отстапувањето на документите за увид. Документите, инаку, имаат платнена футрола со запис на грчки јазик дека му припаѓаат на Теодос Цали.
Александар Стерјовски Битола низ вековите 8