Прилог на Петар Ставрев
Веста за смртта на 75 годишниот германски фудбалски голгетер болно одекна меѓу љубителите на фудбалот во целиот свет. Тој како центарфор на Баерн од Минхен и германската репрезентација со постигнатите голови се вброи во најдобрите голгетери на светот.
Многумина се сеќаваат на неговите игри и голови меѓу кои е и битолчанецот Коста Јовановски. Јовановски својата спортска кариера ја започна како кошаркар, а потоа како фудбалер играше во Пелистер за во 1973 година да отиде во Германија каде настапуваше во неколку аматерски екипи.
Тој во 1985 г. заедно со Герд Милер играше во екипа која на еден фудбалски турнир го освои првото место најповеќе заради постигнатите голови на Милер.
Коста Јовановски во 2000 година се врати во Битола формирајќи клуб за голф кој и денес опстојува благодарение на неговата љубов кон овој спорт. Јовановски живо се сеќава на трите натпревари одиграни со Милер, неговите голгетерски и спортски квалитети.