ЕХ МОЈА БИТОЛА

Во саботата ми се јавува мојот другар Петар: “Ајде за Албанија до Поградец, сакам да те почастам за именденот”. Јас и сопругата никогаш не сме биле во Албанија, да не должам кинисавме. Ја поминавме нашата граница по еден час чекање (паднал системот), а албанската за една минута. Кога влегов оттаде доживеав културолошки шок!

Патот прва лига, велосипедска патека одвоена со банкина од патот долж Охридското езеро, осветлување со соларни рефлектори по целиот пат. Застанавме кај еден хотел да се почастиме, љубезност невидена. А за Поградец немам зборови.

Во град од 20.000 жители и општина од 60.000 жители видов десет Широк Сокаци битолски, рајски градини, ресторани, кафетерии. Грчките прчварници со џанки фуд можат само да им позавидат.

Ова не го пишувам заради Поградец, напротив ова го пишувам заради мојата и вашата Битола која 30 години успеаја да ја направат прчвара од град.

Слики од Поградец немам, немав сила од очај да направам. На здравје сограѓани, се надевам дека не навредив некого.

Јован Цветановски