Од неколку реда до роман: Битолчанката Кристина Најдовска ја раскажува „Ова сум јас“

од April 22, 2026 0 коментари

Во време кога секојдневието е исполнето со обврски, а времето за себе е реткост, една битолчанка покажа дека љубовта кон пишувањето може да најде пат дури и во најмалите тивки моменти.

Кристина Најдовска, 35-годишна мајка на три деца, го создаде својот прв роман „Ова сум јас“, инспирирана од животот, луѓето околу неа и сопствените емоции. Приказната започнала спонтано, на Велигден 2025 година, кога неколку напишани реда постепено прераснале во целосен роман.

Иако моментално живее во Германија, Кристина успеала да ја заврши оваа емотивна приказна во ноќните часови, кога нејзините деца спиеле. Токму тие моменти на тишина станале простор за создавање на приказна во која, како што вели самата, „секој може да се пронајде барем во една реченица“.

„Ова сум јас“ е љубовен роман со длабока емоционална нишка, во кој се испреплетуваат искреноста, чувствата и личната поврзаност со ликовите. Насловот, како што објаснува авторката, произлегува од нејзиното лично доживување на пишувањето како начин на самопронаоѓање.

Најголемата поддршка во процесот ја добила од своето семејство, а посебно од својата ќерка, која ја охрабрила да продолжи и да верува во својата приказна.

Поради предизвиците што ги носи животот во странство, романот е изработен рачно, со ограничен тираж и посебно внимание на секој примерок. Во моментов постои само еден уникатен примерок од книгата.

Приказната на Кристина Најдовска е уште еден доказ дека силните емоции и искрените приказни секогаш го наоѓаат својот пат, без разлика каде се создаваат.

Babam Bitola

Comments are closed.