Кон крајот на месец Октомври 1912 година, Српската армија после Кумановската битка , Бакарно гумно и Облаково се приближи до Битола. Едно утро директорот на централното училиште (во дворот на “Света Богородица”) ни соопшти дека ќе треба да си одиме дома и да не идиме повеќе заради воените дејствија .
Навистина во тоа време Турската војска отстапуваше (се повлекуваше) во безредие, отвараше и пљачкаше христијански дуќани и правеше и ред други зулуми . Џавид паша сакаше да го запали цепането (барутаната). Тоа не се оствари благодарение на турското население кое во тоа време во Битола беше доста бројно.

На 4 Ноември, 1912-та година со другарчињата од нашата маала се упативме кон “Света Недела”. Таму затекнавме претставници на турската власт како валијата, претседателот на општината (Беледијето) како и други турски функционери дојдени да го предадат градот на Српската војска. Во градот пак , бедното христијанско население се удри во пљачкање на државните установи како што беа: општината , сарајот , мехтепо и др. Заостанатите турски војници изморени , гладни, уплашени фрлаја опасачи со фишеклии и пушки на сите страни, а народот ги прибираше . Се пукаше на сите страни . Радоста на христијанското население беше голема; се кинеја фeсови (турски капи) кои сите Турци и турски поданици беа обврзани да ги носат . Радоста беше голема зошто се ослободивме од 500 години турското ропство.

Прво , кај “Света Недела” се појави Српската коњица, а по неа пешадијата, па командантите и воените свештеници на коњи, а потоа војската изморена од долгото војување . Регрутите беа добро облечени во униформи и цокули, додека пак резервистите со опинци (српска опанка) и воглавно беа селани. Заедно со војската , ние децата се упативме кон градот , поминавме Бумба маало, Безистенот , реката Драгор , Пекмез пазар, Широк Сокак реката Курдерес (сега не постои , покриена е), и дојдовме до Црвената кула. По патот војниците велеа :”Па ова варош боља је од Београда” , а па некои офицери велеа:” Ми долазимо на рачун Бугарске”.

По краток одмор , еден дел од војската продолжи кон Лерин, а другите се настанаја кај Мехтeпo . Христијанското население ги пречека со голема радост и љубов во своите домови и им приредуваше гозби, така да за кратко време војниците се чувствуваа како дома. Битолската чаршија беше снабдена со разни стоки, специјално прехрамбени продукти така да не се почувствува оскудица иако беше војна.

Од мемоарите на Христо Секуловски, голема благодарност до Ели Секуловска